Ники Колмонт имал тешко детство, но во 2016 година нашол нешто што го исполнува и мотивира, а тоа било сликање верверички. Неговите фотографии се навистина посебни, а верверичките „позираат“ со најразлични реквизити, пренесува „Bored Panda“.
34-годишниот Ники живее во малото село Диепенбек во Белгија. Роден е во Руанда во 1986 година, и кога започнала војната во Руанда, тетка му ги донела со сестра му во сиропиталиште за посвојување.

Тогаш имал само четири години, а неговата сестра имала 9. Ники имал тешко детство. Тој никогаш не ги запознал своите вистински родители – неговата мајка починала при породување, неговиот татко починал во војната, а пред две години ја загубил и својата сестра.
Она што во моментов му носи среќа во неговиот живот е фотографирањето верверички во градината на бабата на неговата девојка. Почнал да се занимава со фотографија во 2016 година без никаков курс или образование. Како што вели, тој е самоук фотограф.

„Кога во градината ја видов првата верверица, веднаш отидов во продавницата и купив хранилка за верверички. Ставив излупени ореви во неа. Чекав два месеца, а потоа се случи магија. Првата верверица научи да ја отвора хранилката, а пет дена подоцна две нови верверички го направија истото. Бев толку среќен. За мојот 30-ти роденден купив телеобјектив што почнав да го користам на камерата и шатор за да можам да ги набљудувам“, раскажува Ники.

„За 4 години фотографирање на верверичките, фатив толку многу магични моменти, кои никогаш нема да ги заборавам. Тоа е одличен начин да ги изразам своите чувства. Многу сум среќен и секогаш сум насмеан и тоа е чувството што сакам да го прикажам на моите фотографии“, додава тој.

Еден од неговите омилени моменти е кога снима некоја смешна сцена и не може да се насмее за да не ги избрка верверичките. Потоа, вели Ники, се смее на „тивко“. Тој поминувал и до пет часа дневно гледајќи ги верверичките. Најскапоцената фотографија што некогаш ја направил била фотографијата на која верверица држи вуду маска. Ники не користел „Фотошоп“ за таа фотографија, туку ставил храна зад маската. Тој вели дека му биле потребни четири часа за да ја направи таа фотографија.

„Некако развив посебна наклонетост кон верверичките. Ги сметам за совршени модели. Тие можат да направат многу работи што не можат да ги направат луѓето. Слатки се, љубопитни, упорни и многу паметни. Се надевам дека моите фотографии ќе им донесат радост на оние што ги гледаат“, вели фотографот.

Ники вели дека не заработува од овие фотографии. Како што вели, тоа е негова страст и го прави тоа затоа што го сака.

