Според податоците презентирани од производителите на овошје на саемот „медФЕЛ“, приносот кај кајсиите во Европската Унија оваа година се очекува да биде најлош во последните 30 години.
Температурите во април паднаа под нулата неколку дена по ред во многу делови на Франција. Ваквите неповолни услови, придружени со мраз, предизвикаа голема штета на овоштарниците и лозјата, што доведе до рекордни загуби. Од годинашната реколта очекуваат 48.800 тони, што е за 43 проценти помалку од минатата година.
Како резултат на тоа, годинашната берба на кајсии во Франција се очекува да падне на најниско ниво во последните 46 години, што е за 60 проценти помалку од просекот за пет години, соопшти во вторникот Министерството за земјоделство, осврнувајќи се на штетата во овоштарниците.
И проценките на Шпанија се пониски од просекот и ланската реколта поради мразот, и ова е трета година кога земјата се соочува со дефицит во производство. Падот на 87 илјади тони во 2021 година во споредба со 100 илјади во 2020 година, претставува загуба од 15 проценти. Гледајќи го петгодишниот просек од 2015 до 2019 година, кој изнесувал 157 илјади, падот на приносите оди и до 30 проценти.
Дали нè чека покачување на цената?
Слична е ситуацијата и во Грција, каде што се очекуваат помали приноси за дури 50 проценти или 55.000 тони помалку од вообичаеното. Нивните кајсии главно се наменети за пазарот во Западна и Источна Европа, пишува Fresh Plaza.
Мразот ги погоди и сите области со кајсии во Италија. За регионот Емилија-Ромања се предвидуваат 40 проценти помалку кајсии, односно околу 40 илјади тони. Постојат големи разлики помеѓу областите, така што во котлините, во споредба со ридовите, е забележана поголема штета.
Според проценките, европската реколта ќе биде екстремно мала оваа година во споменатите четири земји кои се важни за снабдувањето со ова овошје. Се предвидува дека реколтата ќе изнесува околу 344 илјади тони, наспроти ланските 420 илјади тони, што е пад од 20 проценти. Во споредба со петгодишниот период од 2015 до 2019 година, се очекува пад од 40 проценти.
Поради недостаток на кајсии на пазарот, потрошувачите би можеле да плаќаат повеќе за ова овошје во споредба со претходните години, а производителите се надеваат дека зголемувањето на цените ќе ги надомести нивните загуби.
Извор: agroklub.com
