Цените на маслодајната репка од недела во недела растат на сите светски берзи. Се предвидува раст на засеани површини, но поради поскапувањето на суровините, нешто помали приноси.
Никогаш досега не биле забележани толку високи цени на маслодајната репка, ниту на европско ниту на меѓународно ниво, пишува Аgrarheute. На пример, во канадските извозни пристаништа минатата недела, и покрај жетвата која е во тек, чинеше 880 американски долари за тон (околу 768 евра). Тоа е дури 510 долари повеќе од минатата година.
Украинските извозници моментално наплатуваат 785 долари/т, што е за 325 долари повеќе од минатата година. Во Австралија, еден тон чини 758 долари, што е зголемување за 344 долари од претходната година.
На париската берза цените достигнаа рекорд од 704 евра за тон. За само четири недели пораснале за 55 евра. Продолжија да растат и во Канада, а минатиот четврток на терминскиот пазар во Винипег, еден тон од ова маслодајна репка се котираше на 1.029 канадски долари (околу 717 евра).
На германскиот пазар на големо и извозното пристаниште во Хамбург минатата недела чинеше 711 евра. На пазарот на големо во Манхајм 714, а во Мителанд 710 евра.
Во најважниот француски трговски центар во Руан во четвртокот се забележани цени од 701 евра за тон, а во товарните пристаништа на Мозел 704 евра.
Раст на површините, но слаби приноси?
Аналитичарите на Strategy Grains очекуваат земјоделците во Европската Унија и Канада да ги зголемат површините под оваа култура за седум отсто поради нејзината висока пазарна цена и падот на залихите на рекордно ниско ниво. Оваа консултантска куќа за жетвата 2022 година предвидува зголемување на површината во ЕУ од 5,23 милиони хектари на 5,60 милиони.
По остриот пад во последните години, други аналитичари очекуваат закрепнување на европското земјоделство. Покрај тоа, маслодајната репка има корист од поволните временски услови за време на сеидбата. Сепак, југоисточните земји на ЕУ сè уште имаа тешкотии поради сушата.
За Германија е предвидено зголемување на површините од шест отсто на 1,06 милиони хектари, додека во Франција се очекува многу посилна експанзија, проширување на одгледувањето од 17 отсто на 1,15 милиони ха.
За тековната сезона 21/22 понудата на пазарот ќе продолжи да се намалува бидејќи малку поголемата жетва ќе биде неутрализирана со значително помал увоз и силна побарувачка поради високите производствени маржи на преработувачката индустрија, соопшти Strategy Grains.
Залихите во ЕУ би можеле да достигнат рекордно ниско ниво од 0,9 милиони тони на крајот од сезоната. Затоа се очекува цените да останат високи во текот на целата сезона.
Со оглед на зголемените цени на репроматеријалите, особено на ѓубривата, трошоците за производство би можеле да останат високи, што би можело да ги намали приносите.
Извор: agroklub.rs
