Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (FAO) објави дека цените на храната во светот се зголемиле во април за прв пат од почетокот на годината.
Индексот на цените на FAO во април достигна 127,2 поени, што претставува зголемување во однос на мартовските 126,5 поени, пренесуваат странските медиуми.
Цените на месото, оризот и шеќерот пораснаа, а падот на цените на житарките, млекото и растителното масло не беше доволен за да се спречи растот на вкупниот индекс, соопштија од FAO.
– Бидејќи економиите закрепнуваат, побарувачката за храна ќе се зголеми, што негативно ќе се одрази на нејзината цена – изјави главниот економист на FAO, Максимо Тореро.
FAO соопшти дека растот на индексот на цените, меѓу другото, е одраз на негативните прогнози поврзани со производството на храна во Индија и Кина.
Тореро истакна дека порастот на цените на храната е „многу загрижувачки“ и ја истакна важноста од продолжување на Договорот за жито, кој предвидува извоз на украинско жито преку Црното Море.
Светските цени на храната беа највисоки во март 2022 година, по почетокот на конфликтот во Украина.
