Во услови на ниски температури во зимскиот период, кај виновата лоза можат да настанат големи штети од мрзнење. Мрзнење може да има на родните окца, едногодишните ластари, краковите и целата пенушка. Кај малку отпорните сорти, родните окца измрзнуваат на минус 12 степени, а кај некои отпорни сорти штетите настануваат на минус 21 до минус 25 степени Целзиусови.
При контролата, најнапред треба да се утврди процентот на измрзнатите родни окца, што се прави со пресекување на окцето со остар нож или жилет. Здравите окца на пресек имаат зелена боја, а замрзнатите кафеава до црна.
- Ако се утврди мрзнење до 50% на родните окца, кај сортите што се режат кратко се поставуваат поголем број кондири, а кај сортите кои се режат долго или мешовито, се оставаат подолги лакови.
- При мрзнење на родните окца поголемо од 80%, режењето се извршува, така што не ги кратиме старите кракови, туку кај нив оставаме неколку лакови и резници, за побрзо да се регенерира пенушката.
- При целосно мрзнење на сите родни окца, едногодишните ластари ги режеме кратко (на слепо окце).
- Доколку мрзнењето е присутно на целата пењушка, ја скратуваме над калеменото место, во делови каде што се претпоставува дека има здрави заспани окца.
Советник
Стеван Стојковски
