На патот од село Бигорц Доленци кон населбата Бичинци во Кичево, полицијата вчера го приведе 24-годишниот М.М. од Кичево кој бил затекнат како превезува дрва без документација, во возило без регистарски ознаки и без документи. На истото место полицијата забележала уште едно возило, во кое се пронајдени огревни дрва.
На 19/20.07.2023 во периодот од 23.00 до 04.00 часот, по преземени мерки и активности на патот од с.Бигор Доленци кон населба Бичинци во Кичево, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции го лишиле од слобода М.М.(24) од Кичево. При преглед во возилото „цитроен“ без регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени огревни дрва без документација, две моторни пили, а не поседувал и документи за возилото.
Исто така, на патот од с.Бигор Доленци кон населба Бичинци било забележано и патничко возило „опел тигра“, но тоа не застанало на знак за запирање. Набрзо, возилото запрело, по што две лица кои се превезувале во него го напуштиле местото, а при преглед во возилото биле пронајдени огревни дрва.
М.М., возилата, огревните дрва и моторните пили биле предадени во Полициската станица Кичево за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
