Полската влада одлучи да не ги отвори границите за увоз на житарки од Украина на 15 септември. И покрај одлуката на Европската Унија, ќе дозволи само транзит, а доколку е потребно, подготвена е забраната за увоз да ја прошири и на други земјоделски производи од Украина, соопшти полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
„Последиците од оваа војна не смеат да имаат негативно влијание врз полското земјоделство. Или Европската комисија ќе се согласи да подготви регулатива со која ќе се продолжи забраната или ние сами ќе го направиме тоа. Ќе бидеме одлучни, ќе го браниме полскиот земјоделец“, рече полскиот премиер на прес-конференција во Варшава.
Моравјецки нагласи дека се што е лошо за полското земјоделство мора да се блокира, да се смени или за тоа да се платат компензации.
„Ако се појават проблеми и нови сигнали за дестабилизација на другите земјоделски пазари, ќе го направиме истото. Полјаците заработуваат од транзитот на жито и тој не се заканува со дестабилизација. Затоа го олеснуваме и овозможуваме тој извоз“, рече Моравјецки.
Полскиот министер за земјоделство, Роберт Телус, заедно со министрите за земјоделство на Романија, Бугарија, Унгарија и Словачка, побараа од ЕК и по истекот на забраната за увоз од Украина на 15 септември, таа да остане да важи за четири ставки – брашно, пченка, маслодајна репка и семе од сончоглед и да биде дозволен само транзит, пренесе TASS.
Напишете коментар