Лошото време, поскапувањето на енергијата, штетниците, вирусите, високите трошоци за работна сила и проблемите со транспортот, ги принудија одгледувачите на домати да се свртат кон попрофитабилен зеленчук.
Оваа сезона, вообичаена тема на глобалниот пазар на домати е зголемениот притисок на вирусите како што е кафеавата збрчканост на плодот (ToBRFV), како и променливите временски услови и зголемените трошоци за производство. Повисоката цена на енергијата во повеќето земји е особено загрижувачка бидејќи северната хемисфера се потпира на одгледување под вештачка светлина за време на потемните денови од зимските месеци. Сите овие фактори значат и повисока цена за овој зеленчук, пишува Fresh plaza.
Енергетската криза врши притисок во Холандија и Белгија
Во холандските и белгиските оранжерии осветлувањето е вклучено веќе подолго време. Многумина кои го користат, поради високата цена на енергијата се откажуваат од таквото производство.
Оваа година, главно поради проблеми со болестите, цената во текот на летната сезона беше на зимското ниво, бидејќи градинарите беа принудени да ги чистат оранжериите откако растенијата беа заразени со вирусот ToBRFV. Последните ажурирани официјални бројки покажуваат 29 инфекции во Холандија и 12 во Белгија. Поради тоа, одгледувачите се свртеа кон други видови зеленчук како краставици или пиперки.
По високите цени летово, и во текот на есента цените останаа на исто ниво и се чинеше дека може да продолжат да растат, спротивно на трендовите од последните години. Во последните недели трендот на раст се стабилизира.
Помала побарувачка во Германија, во Италија цената е 2,10 евра/кг
Поради ниските температури во Германија побарувачката е значително намалена. И покрај ова, понудата на различни сорти е голема како и секогаш, така што побарувачката може лесно да се задоволи. Значително е намалена понудата на пазарот од Холандија, а зголемена е онаа од Шпанија, но и овде проблеми создава порастот на трошоците за енергија. Останатите доаѓаат главно од Мароко, Белгија и Италија.
Во изминатата година, заклучно со септември 2021 година, повеќе од 89 отсто од италијанските семејства купиле производи од домати барем еднаш. Инаку, Италијанците овој вид зеленчук го купуваат 17,2 пати годишно, по просечна цена од 2,10 евра за килограм.
Оваа сезона беше тешка за италијанските производители. Во текот на летото беа забележани високи температури кои ги преполовија приносите, а присутен беше и ToBRFV. Пораснаа и трошоците. На пример, просечната цена на чери доматите од 1,50 евра/кг само делумно ги исплати трошоците. Во текот на есента се намали побарувачката од странските пазари, како Германија и Австрија, поради продолжувањето на пандемијата. Со оглед на неизвесноста, веројатно е дека некои градинари во иднина ќе одлучат да ја намалат површината под домати.
Притисок од повеќе страни
Според првичните проценки, шпанските одгледувачи ќе ги намалат обработливите површини за три отсто во однос на минатата сезона кога беа близу 8.400 хектари. Високите трошоци за производство, особено работната сила, јаката меѓународна конкуренција, главно од Мароко, како и проблемите предизвикани од вирусите и штетникот Tuta Absolute, заедно со цените кои не ги исполнуваат очекувањата на одгледувачите, доведуваат до намалување на производството. Затоа, многумина се свртуваат кон попрофитабилните култури како што се пиперките и тиквичките.
Цените на доматите во Шпанија значително се намалија поради големите количини на пазарот во текот на минатиот месец. Просекот падна за 42 отсто на 0,25 евра за килограм поради зголемување на понудата. Сепак, се очекува пресвртница бидејќи дождот ја отежнува бербата во северниот регион.
Извор: agroklub.com
