Европската Унија најави голем пресврт во политиката за сточарство, со кој фокусот ќе биде ставен на домашното производство, намалување на зависноста од увоз и поголема финансиска поддршка за земјоделците.
Новата стратегија на Европската комисија има за цел да обезбеди поголема стабилност за секторот кој вработува околу седум милиони луѓе и создава годишен промет од приближно 400 милијарди евра. Производителите со години се соочуваат со растечки трошоци, нестабилен пазар и сè почести болести кај животните, а новите мерки треба да им помогнат полесно да се справат со овие предизвици.
Еден од главните приоритети е намалување на зависноста од увоз преку поголемо користење на домашни ресурси и зголемување на производството на протеински култури во рамките на ЕУ. Според Акцискиот план за протеини, до 2035 година Унијата сака 35 проценти од протеинските култури што се користат во добиточната храна да бидат произведени на нејзина територија, наместо сегашните 25 проценти.
Стратегијата предвидува и нови механизми за справување со кризи, подобра превенција и контрола на болести кај животните, како и полесен пристап до финансии за фармерите. Дополнително, ќе се инвестира во иновации, развој на циркуларната економија и подобрување на профитабилноста на секторот.
Во делот за одржливост, Европската комисија најавува постепени измени во правилата за одгледување несилки, кокошки и свињи, со обезбедени преодни рокови и финансиска помош за производителите. Ќе се воведат и унифицирани методи за пресметување на емисиите на фармите, со цел да се намали климатското влијание на производството.
Посебен акцент е ставен на малите фарми и руралните средини, каде што сточарството постепено исчезнува. Во план е развој на мали и мобилни кланици за да се намали транспортот на животните и да се поттикнат локалните економии. Една од новините што директно ќе ја почувствуваат потрошувачите е воведувањето појасни ознаки за потеклото на месото и другите производи од животинско потекло, со цел полесно препознавање на производите произведени во Европската Унија и нивниот квалитет.
Со оваа стратегија, Брисел испраќа јасна порака дека домашното производство и безбедноста на храната ќе имаат сè поважно место во европската аграрна политика во наредната деценија.
Извор: Слободен печат
