Рана седба, доколку се соодветни температурите, може да се сее морков, магдонос, кромид, грашок, спанаќ, блитва и ротквици.
Доколку температурите драстично паднат, растенијата што се посеани надвор треба да се заштитат со агротекстилна фолија. Таа го задржува потоплиот воздух во близина на земјата и го спречува испарувањето на водата, со што се создава поволна микроклима која влијае на побрзиот раст на растението.
Кромид на истото место дури четврта година
Кромидот се сади на сончеви или делумно сончеви места бидејќи не поднесува целосна сенка и тоа на на плодна, пропустлива почва, малку кисела до неутрална pH реакција. Кромидот се сади на истото место дури по четвртата година, а најдобро по посеви збогатени со ѓубриво. Добри предкултури се зелката, морковот, грашокот, гравот и тиквичките. Се препорачува да се сее што е можно порано во пролет, штом дозволуваат временските услови, бидејќи раната сеидба е погодна за добар раст и формирање на глава, како и избегнување на болести и штетници.
Оптималните температури за раст и развој се од 12 до 25° C, а се карактеризира со добра отпорност на ниски температури. Минималната температура за никнување и ртење е од 2 до 3° C. При садење луковици треба да се внимава веќе да не проникнале, а се садат на длабочина од 2 см најчесто во редови. При сеидбата треба да се внимава на растојанијата, па се препорачува да се засадат на растојание од околу 10 см. Може да биде погусто, но потоа се разредуваат во текот на пролетта. Бидејќи кромидот има многу плиток корен, на растението треба да му се овозможи умерено влажна почва со длабочина од 20 см.
Морковите и магдоносот бараат почва со ронлива структура
Морковите и магдоносот се погодни за малку кисела до неутрална почва, pH реакција од 5,5 до 7. Почвата треба добро да се подготви за сеидба, за да има ронлива структура и да може да расте и коренот за да може да се спречи деформација. Како претходна култура, најдобро им одговараат видовите зеленчук ѓубрени со арско ѓубриво, како што се пиперките, компирите, зелката и грашокот. Важно е да им се обезбеди доволно влага за време на растот и развојот, во спротивно нивниот квалитет може да се намали (неправилен раст, пукање на коренот…).
Тие можат да се сеат од рана пролет, обично од почетокот на март до средината на мај. Ним им треба многу светлина за раст и развој, а бидејќи семето полека ‘рти, температурите од 5 до 8 ° C се доволни за ‘ртење. Оние од 18 до 20° C се оптимални. По ртење, младите моркови толерираат ниски температури до -5 ° C, а магдоносот до -10 ° C. Растојанието меѓу редовите е 30 – 40 cm, а во низа 2 – 3 cm, додека длабочината на сеење е 1,5 до 2 cm.
Грашокот да се посее до средината на март
Грашокот треба да се сее што е можно порано, кон крајот на февруари или почетокот на март, во зависност од областа на одгледување. Не се препорачува да се одгледува на иста површина најмалку 4 години. Пожелна е рана сеидба бидејќи грашокот ја покрива почвата и ја намалува можноста за појава на плевел, а вегетацијата завршува до сушната сезона. Грашокот никнува на температура од 4 до 6 ° C, а температурите од 16 до 18 ° C се идеални. За време на цветањето, температурите треба да бидат од 18 до 20 ° C, а за развој на мешунките од 20 до 22 °.
Се сее на длабочина од 4 – 6 см на потешки почви, а на полесни и песочни 2 см подлабоко. Сеидбата се врши во ленти со растојание меѓу нив од 60 см. Кај високите сорти се поставува потпора меѓу редовите и за таа цел може да се користат гранки или на колци да се постави пластична мрежа. Се сеат 80-100 ‘ртливи зрна на м2, а сеидбата треба да се изврши до средината на март. Колку е подоцнежна сеидбата или полоша подготовката на почвата, толку се поголеми нормите по единица површина. За добар принос и квалитет на зрното се потребни 200 до 400 мм врнежи. Недостатокот на вода може да влијае на паѓање на цветот и лошо оплодување, што го намалува приносот и го нарушува неговиот квалитет.
Спанаќот и блитвата се одгледуваат по зелка, краставици или домати
Сеидбата на блитвата и спанаќот не се врши на површината на која била посеана истата култура во претходната година, но задолжително се спроведува плодоред за да не останат болести или штетници во почвата. Затоа, блитвата и спанаќот најдобро се сеат и одгледуваат после зелка, краставици или домати. Почвите за двата вида треба да бидат пропустливи, структурни и со pH реакција околу 6.
Спанаќот е растение со скромни барања за топлина, а семките ‘ртат на температура од 4 ° C. Младите растенија можат да издржат температури до -7 ° C додека се оптимални за раст и развој од 13 до 18 ° C, на температури над 25 ° C се формираат помали листови и истовремено се забележува забрзан развој на цветот. Поради оваа причина, идеално време за сеидба е рана пролет. Блитвата подеднакво добро ги поднесува студените и летните горештини, па може да се сее како спанаќ во февруари во потоплите предели, а во континенталните предели во март.
Блитвата и спанаќот најчесто се сеат во редови на растојание од 40 см со растојание на посеано семе во ред од 20 см за блитва и 10 см за спанаќ, длабочината на сеење е 1,5 до 2 см. При одгледувањето на блитвата треба да се обезбеди доволно количество вода, а со оглед на квалитетот на водата треба да се напомене дека е едно од ретките растенија кои се толерантни на солена вода.
Ротквица подготвена за берба за 30 дена
Ротквицата е растение кое бара поблага клима, па минималната температура за нејзин раст е 5°C, а оптималната околу 20°C. Во многу поволни услови, раните сорти може да се наберат за само 30 дена. Поради плиткиот корен, најдобри се лесни почви со pH вредност од 5-7. На иста површина не се препорачува да се сее најмалку 3 години, а добри предкултури се доматите, краставиците и тиквичките. Ротквицата се сее на добро иситнета почва, во редови на растојание од 14 см, до длабочина од 1 см, со растојание помеѓу семките од 5 см. Доколку условите се поволни, семето ќе никне за пет дена по сеидбата.
Сејте семе од ротквица на секои две недели за да имате континуирана берба.