По потерата која траеше девет месеци, парот кој минатата година украде познати вина вредни 1,6 милиони евра од ресторанот „Атрио“ во Шпанија е уапсен на границата меѓу Црна Гора и Хрватска, пренесува Декантер.
Кражбата во градот Касерес, Шпанија, минатата година привлече големо медиумско внимание, поради паричната вредност на украденото вино, поради фактот што 45-те украдени шишиња припаѓале на некои од најпознатите берби во историјата, вклучувајќи го и исклучително вредното вино со етикета Chateau D’Yquem од 1806 година и голем број шишиња Domaine de la Romanee Conti. Косопственикот на ресторанот „Атрио“, Хозе Поло, дури и јавно упати покана до крадците дека е подготвен да ги купи вината од нив за да ја обнови легендарната винарска визба на овој локал крунисан со две Мишелин ѕвезди.
Парот внимателно ја испланирал и ја извршил кражбата без грешка. Како што е соопштено од шпанската полиција, 29-годишната Мексиканка и нејзиниот партнер со романско-холандско потекло, трипати го посетиле ресторанот заради извидување и подготовка, така што во пресудната вечер, по вечерата, убавата Мексиканка, поранешна учесничка на избор за мис, побарала од вработените да и подготват храна по затворање на кујната. За тоа време, нејзиниот партнер, користејќи го главниот клуч што го украл претходно, влегол во винарската визба и изнел прескапи вина во три големи ранци.
Девет месеци европската полиција трагаше по оваа двојка, која деновиве беше фатена на јадранскиот брег.
-По сложената истрага во Шпанија и во други земји, полициските службеници успеаја да идентификуваат двајца осомничени чии постапки се карактеризираат со професионалност, специјализација за овој вид кражби и совршено планирање – изјавија претставниците на шпанската полиција, додавајќи, за жал, дека украденото вино се уште не е пронајдено.
