Цените на пченицата на европскиот и американскиот пазар паѓаат, а причина е големата понуда од црноморскиот регион, пишува Agrarheute. Во САД паднале на најниско ниво од почетокот на војната во Украина, а во Европа се приближиле до границата од 300 евра. Притисокот дојде од рекордната жетва во Русија, исто така богатата жетва во Канада и Австралија, и извозот од Украина.
Европскиот пазар не може да ги следи цените на пченицата што доаѓа преку Црното Море. На францускиот MATIF се тргуваше за декември по цена од 320 евра/т во петокот, пред да падне на 317 евра/т во понеделникот. Мартовските договори се тргуваа по цена од 306 евра/т.
Чикаго CBoT тргуваше во петокот по цена од 264,51 евра/т, додека во понеделникот падна на 257 евра/т.
„Загрижени сме за Украина и Русија, бидејќи тие во моментов го преплавуваат светскиот пазар со пченица и нивните цени се далеку поевтини од нашите“, изјави Џек Сковил, потпретседател на американската аналитичарска компанија Price Futures Group.
Американското Министерство за земјоделство USDA објави дека извозот на оваа житарка за неделата што заврши на 24 ноември изнесува 162.500 тони, што е далеку под прогнозите на аналитичарите од 300.000 до 725.000 тони.
Украинската пченица оди во Европа, Турција и Кина
Украина објави дека се ожнеани околу 51 милион тони пченица, во споредба со рекордните 86 милиони тони во 2021 година. До 2 декември извезла 18,08 милиони тони житарки и мешунки, од кои 199.000 тони во ноември. Во исто време минатата година извозот изнесуваше 25,7 милиони тони.
Од август до ноември, 506 бродови ги напуштија пристаништата во Одеса, превезувајќи вкупно повеќе од 12,3 милиони тони украинска храна. Во структурата на извозот доминираше пченката со учество од 43 отсто или 5,3 милиони тони. Следува пченицата со 29 отсто или 3,6 милиони тони, потоа маслодајната репка со 7,5 отсто или 926 илјади тони и растителното масло со 6,5 отсто или 799 илјади тони.
Храната била испорачана во 43 земји, а главни извозни дестинации биле Шпанија, Турција и Кина. Најмногу увезувале пченка.
Ана Танскаја, раководител на секторот за локални пазари на аналитичката и информативна компанија АПК-Информ, вели дека и покрај продолжувањето на Договорот за жито, побарувачката на увозниците за морски извоз е слаба. Капацитетите за складирање на пристаништето се полни, бидејќи понудата ја надминува побарувачката.
