Националната федерација на фармери побара од Министерството за земјоделство забрана за увоз на пченица за да може да се откупи домашната пченица.
„Годинава имаме проблем со откупот на пченица. На земјоделците им се останати околу 10 илјади тони неоткупена пченица. Бараме помош од Министерството, односно да се забрани увоз на пченица за да може да се откупи нашата пченица. Ние уште минатата година побаравме откупот на пченица за стоковните резерви да почне од денот кога почнува жетвата во Македонија. Кај нас цената е по 19 денари, а имам информација дека се увезува пченица по 28 денари“, вели Мемет Синани, член на Управниот одбор на Националната федерација на фармери, кој рече и дека засега нема точна информација од каде се увезува жито.
Синани се осврна и на новиот модел на субвенционирање.
„Другиот дел е за субвенциите. Оваа година почна новиот модел на субвенционирање. Ќе видиме како ќе излеземе на крај. Тоа е 30 отсто однапред даден аванс, така рече министерот. Еве во тек е сеидбата на пченка и на други култури, а тие 30 отсто не се дадени. Во мојата општина од околу 30.000 жители, дадени се само 187 картички за нафта. Задоцниле од сите страни. Би требало на терен да работат земјоделските инспектори. Имаше некои изјави дека земјоделските производи биле многу скапи. Земјоделските производи не се скапи. Земјоделецот не може да ги покрие своите трошоци, но патот до крајниот потрошувач трикратно се зголемува цената“, рече Синани.