Во организација на АГРОТИМ вчера во Битола се одржа средба на работната група за Договорно производство на сончоглед со неколку сериозни земјоделски производители, со цел запознавање со новата информативна кампања 2020 година.
На средбата се разменија мислења и искуства за годинешната успешна реколта и се дадоа предлози како уште повеќе да се мотивираат земјоделците да насеат сончоглед.
Директорот на АД „Благоја Ѓорев“ од Велес – Горанчо Лазов, ја потенцираше важноста од враќањето на сончогледот на македонските ниви, како за земјоделците кои ќе имаат сигурен откуп така и за државата и правилното насочување на субвенциите во насока на зголемување на домашното производство и намалувањето на одливот на девизи.
-Во интерес на сите е сончогледот да се врат на македонските полиња. Земјоделците ќе можат да си направат калкулации. Две години по ред цената на сончогледот е ниска но понатаму се надеваме на повисока цена, а во новите договори ќе имаме гарантирана цена под која нема да се оди. Исто така за следната година договараме заеднички со компанијата „Биспромет- Агроцентар“ да помалите земјоделци немаат дополнителен трошок да го носат сончогледот до Велес, туку откупот да се врши во Битола. Ние би отварале и други пунктови ако интересот е поголем. Ако можеме да го зголемиме интересот и условите ќе бидат подобри. Ние сме сериозна фирма и се што сме се договориле до сега исполнивме. Затоа се обидуваме и преки АГРОТИМ да допреме до земјоделците – изјави Лазов и додаде дека е многу важно земјоделците да се здружуваат и заеднички да настапуваат пред откупувачите и институциите.
-Идејата за откупен центар во Битола ја имавме одамна бидејќи увидовме дека во алката производители – преработувачи недостига елементот на здружување и намалување на трошоците на условно помалите земјоделски производители. Во овој проект на Договорно производство на сончоглед, ние како „Биспромет – Агроцентар“ сме снабдувачи на семенски материјал. Ќе им дадеме на земјоделските производители семе и други репроматеријали на одложено плаќање. Кога ќе ги земат парите од сончогледот тогаш ќе ни платат. Нашите семиња се висококвалитетни, од познати еропски и светски семенарски куќи , докажани во светот кои гарантираат висок и квалитетен принос. Особено е важно што сортите се прилагодени на нашите климатски и почвени услови со цел земјоделците да добијат висок принос и да заработат од производството- вели Никола Ѓероски, директор на „Биспромет Агроцентар“.
Земјоделците коментираа дека годинава добро поминале со сончогледот, задоволни се од соработката со откупувачот „Благој Ѓорев“ но дека рокот за поднесување на субвенциите бил краток и неколку производители не стигнале да го ожнеат и да се пријават за зголемената субвенција од 400 евра по хектар. Бараат од МЗШВ ако може да се продолжи рокот.
-Ние порано сочоглед работевме многу 40 % од површините, а цената на сончогледот со пченицата беше 1:2 значи сончоглед беше скоро дупло поскап од пченицата. Причината за стагнирањето е цената. Гогинава после 20 год прв пат насеав на два хетари и сум задоволен од соработката со „Благој Ѓорев“. За сончогледот има место да се зборува само ако се гарантира цената. Порано цената се врзуваше за цената на пченицата. Сега прв пат слушам дека ќе има откуен центар во „Биспромет – Агроцентар“ што е одлично и заедно со гарантирана цена до февруари да знаат земјоделците, тогаш и многу мали ќе насеат сончоглед на пролет. Исто така рокот за пријавување да биде до крај на ноември за да може да стигнеме да пријавиме за повисоки субвенции – изјави Јонче Врџовски од Логоварди.
-Имаме многу пропусти од претходните години. Во еден момент цената на сончогледот беше 7 ден, а пченицата 11 денари. Сега на берзата повторно цента е 1:2 а исто така до сега државата ја форсираше пченицата. Лани ние се обидовме заеднички, се здруживме побаравме повисоки субвенции и успеавме. Затоа апелирам на единственост, почнавме чекор по чекор и да се вратиме на нивото кога Македонија произведуваше 40 000 тони сончоглед. Чудно е нешто што сме имале сега да се бориме да постигнеме барем некое ниво од 10 000 тони. Сон е домашна суровина и тогаш лесно се погодуваме со земјоделците, дури размислуваме и нафта да даваме – изјави Лазов.
И од Асоцијацијата на производители на сончоглед се согласуваат дека годинава има подобрување на условите за производство на сончоглед и дека тоа е мотив да се продолжи со поголема информативна кампања за зголемување на површините под оваа култура.
-Можеме да заклучиме дека оваа година беше добар старт на процесот на враќање на сончогледот на македонските ниви. Откупувачот „Благој Ѓорев“ ги почитуваше договорите со земјоделците и дополнително сега со најавата за гарантирана цена ќе ги мотивираме земјоделците да насеат сончоглед. Субвенциите се исто така високи, а со откупниот пункт во Битола се помага и во процесот на здружувањето на земјоделските производители – изјави Ангела Ѓеровска од Асоцијацијата на производители на сончоглед.
На вчерашната средба се утврдија и натамошните чекори и делување на Работната група за Договорно производство на сончоглед во соработка со АГРОТИМ.
-Следната активност ќе биде трибина во Прилеп, средина на декември за што дополнително ќе информираме. На трибината во Прилеп ќе се утврди и висината на гарантираната цена на сончогледот, а ќе имаме можност да слушнеме и други предлози и сугестии од земјоделците како до зголемено производство на сончоглед – изјави Илин Николовски од Агротим.мк.
Напишете коментар