Органското земјоделско производство во Србија е сѐ повеќе застапено и сѐ поголем е интересот на производителите да започнат органско одгледување, за што сведочи и зголемувањето на нивниот број и површини под овој вид производство, вели советничката на министерот за земјоделство за органско производство и членка на „Србија Органика“, Ивана Симиќ.
„Во моментов околу 21.000 хектари се под ова производство и има близу 7.000 производители. Во последните години има добар тренд на растечки површини, на бројот на производители, но и на извозот на органска храна“, рече Симиќ.
Таа наведува дека има повеќе фактори кои влијаат на овој тренд, а еден од нив се стимулациите што ги дава министерството.
„Стимулациите се подобри во изминатите неколку години. Исто така, трендот во светот и во Србија е дека потрошувачите сѐ повеќе се грижат за здравата исхрана, а пандемијата уште повеќе го поттикна тоа. Органското производство има исклучително социо-економско значење затоа што е одличен фактор за зачувување на руралните средини и е идеално за земји како Србија, кои имаат мали фарми со просечни околу пет хектари, а таквите производители се сѐ помалку конкурентни без производи кои додаваат вредност“, објаснува Симиќ.
„Морам да додадам дека седум проценти од површината на Србија се состојат од заштитени подрачја, кои се идеални за ваков вид на производство. Предноста на таквите рурални средини каде што со години нема производство е тоа што брзо можат да добијат статус на органски“, објасни Симиќ.
Таа презентираше податоци дека сега само 0,6 отсто од земјоделското земјиште е под органско производство и нагласи дека задача на Министерството е тие површини во следните пет години да ги зголеми на два до три отсто од вкупното обработливо земјиште. Симиќ истакнува дека Србија е најпозната како производител и извозник на органско овошје, но дека зеленчукот сѐ повеќе се бара.
„Короната ги промени навиките на луѓето, па тие сеѐ повеќе бараат органски зеленчук и извоз на замрзнат зеленчук, но засега има мали површини под зеленчук и сето тоа го апсорбира домашниот пазар“, вели Симиќ.
Нагласува дека на домашниот и на странскиот пазар се бараат зачини и лековити билки, а во последните години е забележан тренд на развој на органското сточарство.
Органските сточари добиваат стимулации за 40 отсто повисоки од конвенционалното сточарство. Државата на производителите кои се во постапка на конверзија им рефундира половина од трошоците за пренамена, а доколку се од области со отежната работа во земјоделството добиваат 65 отсто помош. Оваа година можеше да се оствари максимален износ по корисник од еден милион динари“, рече Симиќ.

Таа забележа дека во последните неколку години се повеќе луѓе од градовите одат на село и се занимаваат со земјоделство, па дури и со органско земјоделство.
„Од разговорите со овие луѓе добиваме впечаток дека тие се презадоволни и дека тоа генерално им го подобрило квалитетот на животот. Тие најмногу ги снабдуваат жителите на градовите со носење храна на домашна адреса“, вели Симиќ.
Извор: biznis.telegraf.rs
