Производителите на зеленчук во Северна и Западна Европа се на удар на енергетската криза Се повеќе луѓе размислуваат да „стават катанец“ на своите оранжерии. Финансиското влијание е преголемо и го загрозува снабдувањето со храна, пишува Ројтерс.
Поскапувањето на струјата и гасот се одразува на производството на земјоделските култури кои се одгледуваат во загреани оранжерии во студениот, зимски период, како што се доматите, пиперките и краставиците.
Загрозени се и видовите кои се чуваат во ладилници, пред се јаболката и кромидот.
Особено под притисок е производството на ендивија, која се бере наесен, се чува на температури под нулата и подоцна се пресадува во садови во простор со контролирана температура за производство во текот на целата година. Скапите инпути ги натераа производителите да се запрашаат дали воопшто ќе продолжат со производството.
Европските производители предупредуваат на пад на производството и скок на цените. Ова исто така може да значи дека супермаркетите ќе почнат да се снабдуваат од Мароко, Турција, Тунис, Египет.
Најголем трошок за оранжериското производство е зголемувањето на цените на гасот. Двајца француски фармери, кои ги обновиле своите договори за електрична енергија за 2023 година, откриле дека им е понудена цена која е десет пати повисока од онаа во 2021 година.
Покрај енергетските производи, се зголемија и цените на вештачкото ѓубриво, амбалажата, транспортот, а сето тоа го става под прашалник производството.
Јоханес Грос од германската задруга Reichenau-Gemise, чии оранжерии зафаќаат површина од околу 60 хектари, вели дека се соочуваат со севкупно зголемување на производствените трошоци за околу 30 проценти.
