Огревното дрво достигна рекордно високи цени. Европа се свртува кон оваа, за многумина, алтернативна енергија за да ја компензира загубата на природен гас од Русија и да ги намали зголемените трошоци.
Војната во Украина го потресе светскиот енергетски пазар. Според Бизнис инсајдер, цените се за 1.000 отсто повисоки од пред украинската криза, која ги погоди и цените на огревно дрво. Деновиве особено загрижува веста за истекување на руски гас на Северен тек и Северен тек 2.
Аналитичарите предвидуваат зголемување на сиромаштијата и националниот долг во комбинација со дополнителни негативни последици за животната средина.
Затоа, Европската Унија се стреми да обезбеди снабдување со енергија и ветува континуирана помош за да се компензира наглиот пораст на трошоците на потрошувачите.
Недостигот, како и стравот од раст на цените на другите енергетски извори, се интензивира во Франција, наведува Connexion. Добавувачите велат дека примаат до 100 повици дневно, а цените скокнале за 20 отсто од јуни поради големата побарувачка. Се стравува дека нема да има доволно за сите.
Зголемен е и бројот на домаќинства кои се греат на овој начин. Во својот извештај за 2019 година, дрвната групација CNDB наведе дека има помеѓу 7,5 и 8 милиони домаќинства кои имаат инсталирано извор за греење на огревно дрво и на пелети.
Во 2022 година, државната енергетска агенција ADEME објави дека владата има за цел 9,5 милиони домаќинства да користат енергија од дрво до 2023 година и 11,3 милиони до 2028 година.
Жерар Фелус, директор на Quality-bûches, рече дека цените на пелетите се тројно зголемени во последните шест месеци, а цените на суровото дрво се зголемиле за 20 проценти. Побарувачката започнала уште во јули.
„Нема повеќе залиха никаде, ги штедам моите залихи за лојални клиенти и се надевам дека ќе издржам до крајот на зимата“, вели Патрик Хелб, продавач во Мозел. Тој објасни дека метар кубен се продавал од 55 до 57 евра, а сега цената е од 60 до 65 евра.
Од 1 септември ќе стапи на сила промената на законот со која продавачите треба да им понудат на клиентите информации за ефикасноста на горивото, должината, количината и влажноста. Од септември 2023 година, трупците помали од два метри може да бидат само од суво дрво.
Овие промени се очекува да предизвикаат дополнителен недостиг во иднина, со оглед на тоа што се потребни меѓу 18 и 24 месеци за да се исушат целосно трупците и да бидат подготвени да се продадат за огревно дрво.
И во нашата земја има недостиг на дрва. Како што нè информираа од ЈП „Национални шуми“, во моментов дрва во нивните складишта нема, а на приватните складишта цената на огревното дрво е над 4.200 денари. Исто така има недостиг и на пелети, а од приватните фирми не знаат дали и кога ќе добијат нова тура.
