Краставицата е растение со тропско потекло и најдобро успева во температурни услови од 18-32 степени. Еден од најдобрите методи за оранжериско производство е одгледувањето краставици на слама. Со овој начин на одгледување се постигнува подобра бујност и родност, а со тоа и поголеми приноси.
Методот на одгледување краставици на слама е разработен во Германија, а се состои од копање канали или ровови во пластеникот, кои се исполнети со слама. Сламата ја загрева зоната на кореновиот систем.
Подготовка на оранжериите за одгледување краставици на слама
Првиот канал се копа на метар од работ долж оранжеријата, широк 80 см и на длабочина 20 см. Патеката меѓу двата канали е исто така широка 80 сантиметри, и на неа се става ископана земја, со која подоцна ќе се покрие сламата и ќе се одгледуваат растенијата на неа. Бројот на канали зависи од ширината на оранжеријата.
Во каналите се редат бали слама, во два слоја. После првиот слој по него се растура минерално ѓубриво и тоа еден килограм NPK 20:8:5 или 20:10:10 по бала слама.
Откако ќе се наѓубри првиот слој бали слама, треба да се растури и тенок слој негасена вар, па тогаш се реди горниот ред слама. Потоа сламата добро се залева со вода и се набива со газење.
Во таа прилика негасената вар се „гасне“ и испушта топлина. Кога сламата ќе се загрее на околу 30 степени, што е за неколку дена, врз неа се нанесува слој од ископана земја дебел 10-15 см, а потоа се пресадува расадот.
Во текот на вегетацијата сламата се распаѓа и преминува во хумус, а се ослободува топлина која ја загрева зоната на кореновиот систем и оранжеријата. Растенијата растат побрзо и даваат пообилни приноси.
