Третата трибина од кампањата за Договорно производство на пченка во организација на АГРОТИМ, компанијата „Голд Ланд“ и земјоделското здружение „Современо земјоделство“, ќе се одржи во 12 часот, во село Новаци, Општина Новаци- Битола.
На средбата ќе стане збор за начинот на откуп, условите и загарантираната цена на пченката.
На досега одржаните трибини во Битола и Кривогаштани сопственикот на „Голд Ланд“, Арбен Абдурахмани на земјоделците, во една пријателска атмосфера, им ги објасни условите под кои ќе ја откупува пченката, со простор за заеднички договор околу загарантираната цена која ќе ја пишува во договорот.
-Она што ви нудиме како компанија е гарантиран откуп, со договор во кој ќе има загарантирана минимална цена под која нема да се оди. Доколку цената за време на откупот биде повисока, ние ќе ви ја платиме повисоката цена. Исто така предноста која ја нудиме е плаќање истиот ден кога ќе ја донесете пченката. Доколку е пред 13 часот, парите ќе бидат на ваша сметка истиот ден, ако ја предадете пченката после 13 часот, средствата ќе ги имате следниот ден – изјави Абдурахмани.
На средбата ќе се разговара за условите кои ги нуди откупувачот „Голд Ланд“, очекувана цена на пченката и другите информации потребни за склучување на договорот помеѓу земјоделските производители и откупувачот.
Со оглед на протоколите за заштита од Ковид -19, бројката на присутни земјоделци е ограничена.
За да го резервираме вашето присуство, ве повикуваме до среда до 16 часот да се пријавите во порака (инбокс) на фан страната на Facebook на Агротим или на Современо Земјоделство. Или едноставно пишете во коментар име и презиме, под оваа објава.