Министерот Николовски во интервјуто за „Локално“ потенцираше дека земјава, која е лидер по искористеност на средствата од ИПАРД, во наредните седум години преку ИПАРД програмата, заедно со учеството на државата и делот од кофинасирањето, на располагање ќе има 210 милиони евра во земјоделството.
„Северна Македонија е земја лидер по искористеност на средствата од ИПАРД програмата. Вкупно 2.335 договори имаме склучено преку досегашната ИПАРД 2 програма. Тоа ме прави посебно горд, затоа што нема град или село низ државата, каде би поминале, а да не сретнете табла дека некој проект е реализиран со средства од ИПАРД програмата. Ако некогаш претходно останувале неискористени средства од оваа програма, за која државата плаќала и пенали, денес имаме скоро 99% реализираност на програмата, па дури и бараме дополнителни средства да ни бидат ставени на располагање. Токму затоа Европската Комисија одлучи да ги зголеми за 62% средствата за новата ИПАРД 3 програма. Со ИПАРД 2 програмата на располагање имавме 60 милиони евра европски средства, а сега со новата ИПАРД 3 програма тие изнесуваат 97 милиони евра, или вкупно заедно со учеството на државата и делот од кофинасирањето на располагање за инвестиции во наредните 7 години преку ИПАРД 3 програмата имаме 210 милони евра. Можност за авансна исплата разгледуваме и кај ИПАРД поддршката, односно 50% од вредноста на финасиската поддршка.
Исто така имаме направено зголемување во прагот на минимум прифатливите трошоци по проект за мерките 1, 3 и 7 од ИПАРД 3 програмата, односно до 10.000 евра за мерката 1 инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, потоа до 20.000 евра кај мерката 3 инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи и до 5.000 евра за мерката 7 диверзификација на фарми и развој на бизниси. Очекувањата се дека и наредните 7 години ќе го повториме успехот и повторно ќе бидеме земја лидер по искоритеност на овие средства кои ги имаме на располагање за инвестиции преку ИПАРД програмата.
Она што исто така го правиме е разграничување на програмата за рурален развој и ИПАРД програмата, односно програмата за рурален развој ја ставаме на располагање за поддршка во инвестиции за помалите земјоделски стопанства, додека ИПАРД програмата ќе биде на располагање за инвестиции на поголемите стопанства. Агенцијата за финасиска поддршка во земјоделството и руралниот развој досега успешно ја реализираше ИПАРД 2 програмата и убеден сум дека уште поголем успех и уште поголем интерес ќе имаме со новата ИПАРД 3 програма.
Целото интервју можете да го прочитате на следниот ЛИНК.
