Најголемата регионална конференција за агробизнис „GROW UP – силата на земјата“, која се одржува вчера и денеска (31 мај и 1 јуни 2023 година во хотелот „Горски и Спа“) на Копаоник, Србија, на едно место ги собира најрелевантните експерти, институции, владини претставници од земјата и регионот, сопственици на фарми, чинители, експертска јавност од областа на земјоделството и прехранбената индустрија.
Повеќе од 40 експерти од Србија и регионот во текот на два дена ќе зборуваат на пет панели, а повеќе од 300 присутни ќе имаат можност да слушнат пораки од експерти од целиот свет.
Посебна тема на конференцијата е влијанието на климатските промени, односно ситуацијата која веќе некое време е значајно глобално прашање, а свое мислење на оваа тема ќе даде специјалниот гостин Набил Ганги, заменик регионален претставник за Европа и Централна Азија во организацијата FAO.
На конференцијата како панелист присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
„Секогаш кога зборувам за Отворен Балкан зборувам со гордост, бидејќи успехот е и мерлив и видлив. Обединет регион со отворени граници и единствен пазар за стоки, услуги и луѓе. Сите заедно треба да гледаме на земјоделското производство како заедничка шанса за влез на пазарот на ЕУ.
Познати сме по вкусната храна, по интензивниот вкус на нашите земјоделски производи, затоа заедно треба да се заложиме, да ги исполниме сите критериуми и да ги освојуваме европските пазари.
Виното е нашиот најголем адут, тоа го потврдивме сите заедно на првиот саем за вино “Wine vision Open Balkan”. Поволната клима и поднебје ги прават совршени услови за создавање на најдоброто балканско вино. Благодарение на можностите што ги дава заедничкиот пазар, овој регион може да стане најбрзорастечки регион во Европа.“, рече Николовски.
