Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска гостуваше во емисијата „Утрински брифинг“. Меѓу другото, Николовски се осврна на прашањето за индивидуалното земјоделско земјиште кое не се обработува и што ќе се случи со него.
„Во измените на Законот за земјоделско земјиште кои се веќе во владина процедура, за напуштеното земјоделско земјиште кое претходно го дефиниравме и го скениравме, се предвидува постапка, не на одземање, не на приватизација, туку со согласност и изјава на сопствениците кај коишто ние веќе сме утврдиле и сме го завршиле процесот на целата територија кое земјиште е напуштено, затоа кажавме 100.000 хектари државно и околу 90.000 приватно земјиште ние тоа го евидентиравме и затоа сега го ставаме во закон. Како можност тоа земјиште да биде издадено од државата, да биде дадено под закуп, без да се одземе и со согласност на сопствениците, тие добиваат 80% од надоместокот кој ќе се добие. Иако имаше критики за овој концепт, кога јасно ќе се претстави овој систем сите велат: Па и јас имам такво земјиште кое не се работи, па зошто да не добијам 80%. Затоа треба да се пласираат точните информации, а ние транспарентно го водевме овој процес и Законот е веќе во собраниска процедура. “, објасни Николовски.
