Денеска се одржа 12 – та сесија на Работната група 1 – земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) организирана од Национална конвенција на Европска унија во Република Северна Македонија –
„Меѓу предизвици и можности: Земјоделската политика на Северна Македонија на патот кон пристапувањето во ЕУ“.
На една маса претставници на Владата, амбасади, администрација, домашни и странски експерти, невладин сектор, бизнис сектор…сите елоквентни, на висина на задачата, со познавање на состојбата во своите сектори, со издржани анализи, коментари и сугестии.
Три часа, како лекција за ЕУ и ние.
По воведниот збор на Националната координаторка на НКЕУ – МК, Милева Ѓуровска, во кој се потенцираше важноста на земјоделскиот сектор и долгогодишната исклучителна работа на тимот кој и денеска ја организираше оваа сесија, следуваше поддршката од амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш, а државниот советник во министерството за европски прашања, Драган Тилев не запозна со моменталната состојба со процесот…сесијата почна, баш од почеток, со краток историјат за македонскиот аграр од страна на еден од панелистите, Перица Ивановски, државен советник во МЗШВ.
Неговото излагање не врати во 1995 година и тогашните услови за производство и привилегии кои ги уживаа земјоделците, преку транзицијата и драстичните промени кои ги претрпеа Земјоделските комбинати и земјоделците, новото време и постепеното прилагодување кон Заедничката земјоделска политика на ЕУ.
Бројките беа немилосрдни, успони и падови, се зголемува поддршката, се намалува производството. Недостига добра стратегија, се менуваат политики на 4 години, а руралните средини стагнираат. И додека ние каскаме кон ЕУ, таа на 25 години менува нова стратегија и сега според најавите се свртува се повеќе кон Биодиверзитетот, зачувување на природата и средината, органско производство, а активистите стануваат се погласни и директни во барањата.Владите на земјите членки во ЕУ, како на натревар кој повеќе ќе одговори на барањата на активнистите…
Атмосферата, а и многу од присутните, ме потсетија на скриниг процесот во Брисел и енергијата која ја имаше во салата каде што се презентираше состојбата во македонскиот аграр од страна на нашата администрација. Пораката и сега беше – Да, позната ни е состојбата, но можеме да работиме, имаме капацитет и луѓе, услов е добра стратегија и вложување на државата во професионална администрација.
На оваа тема, според изјавите на дел од присутните претставници од важни инситуции, состојбата станува алармантна, се губат професионалците од министерството за земјоделство и Платежната агенцијa, кои се клучни во овој процес.. Знаеме дека ова го констатира и Европска комисија во секој извештај, да се зајакне администрацијата за да може да одговори на предизвиците. Проблемот е очигледен и тој е дефинитвно само на Владата. Таму се и решенија и механизмите, ако не се слушне нивниот глас, штетата за жал ќе биде за сите.
Познатиот експерт од Словенија, Емил Ерјавец кој веќе 20 години ја следи состојбата во македонскиот аграр, со нескриено разочарување од годините што поминаа, а ние сеуште сме на иста позиција, порача дека нема откажување и нема време за грешки. Многу диретно ни кажа, а јас Ви пренесувам изворно:
„Кога се работи за преговарачкиот тим, ви требаат квалитетни луѓе, професионалци, луѓе кои ќе знаат да разговараат со Брисел. Интеграција е потребна, прво 30 луѓе од врвот на Владата, а потоа мора да се вклучат паметни луѓе, без разлика дали или со каква „боја“ се обоени. И да не се менуваат луѓето кои знаат да преговараат, на кои се научиле во Брисел, мора да има континуитет. Вас ви треба агроелита, најдобрите во оваа област, ако сакате да бидете успешни во овој процес. – рече Ерјавец.
Разочарувања имало и ќе има, но она што охрабрува е иницијативата на сите нас да се избориме на тој пат кон ЕУ и тоа заедно со земјоделците. За нив е неопходна поголема едукација, информираност, средби на терен, земјоделски здруженија со поголема активност со кои ќе ги им помогнеме да ги прифатат новите европски трендови. Инвестирање во младите земјоделци, во поголем рурален развој и поголема активност и на локалната власт.
Трите часа поминаа во една конструктивна атмосфера, со одлични излагања, издржани прашања и сугестии, со насоки и препораки од НКЕУ – МК
И повторно- во оваа држава има капацитетни луѓе или паметни, што би рекол Ерјавец и тие мора да бидат препознаени од Власта и да се побара нивната помош.
Ленче Николовска