Изминатиот влажен бран успешно го подобри претходниот воден дефицит и обезбеди оптимална продуктивна влага во површинскиот слој на почвата, што овозможи поволни агроеколошки услови за финализирање на есенската сеидба и почетен вегетативен развој на житните култури. Сепак, претстојниот период носи нагли промени на времето, кои наметнуваат нови предизвици кај земјоделците и бараат голема будност.
Најавените промени со повисоки температури во средината на седмицата кои ќе бидат значително над просекот за овој период од годината, во комбинација со присутната влага, краткотрајно ќе ја забрзаат есенската вегетација. Минималната температура ќе се движи во интервал од 1°C на повисоките места, до 14°C а, максималната температура ќе се движи во интервал од 8°C до 24°C. Оваа појава е позитивна за подоцна посеаната пченица и јачмен бидејќи ќе го забрза нивното никнување, додека најавеното заладување од сабота ќе го забави пребрзиот есенски пораст и ќе помогне во правилното калење на младите растенија пред презимувањето. Во овоштарството и лозарството, очекуваните повремени локални врнежи дополнително ќе помогнат за постепено продирање на влагата кон подлабоките слоеви, што е клучен услов за зимско кондиционирање на повеќегодишните насади.
Како критичен фактор во овој период се издвојува најавата за силен јужен ветер во петок, со брзина која на места ќе надмине 80 километри на час. Овој ветер претставува сериозен ризик за преостанатите необрани доцни овошни сорти како што се дуњите, јапонските јаболка и калинките, каде може да предизвика кршење на млади гранки и масовно откорнување и механичко оштетување на плодовите. Истовремено, појавата на утринска магла по котлините во деновите со натпросечно високи температури ќе го продолжи периодот на задржување на влагата и ќе ја зголеми влажноста на лисната маса, што создава идеални услови за развој на габични заболувања (пламеница и пепелница) во градинарското производство.
Препораки до земјоделските производители:
• Итна берба: Се препорачува интензивирање и целосно завршување на бербата на преостанатите доцни овошни плодови најдоцна до четврток навечер, со цел да се спречат сериозни загуби од силниот ветер во петок.
• Проверка на стабилноста: Кај младите овошни насади и лози, пожелно е превентивно да се провери стабилноста на потпорните системи (колци и жици) за да издржат силните воздушни удари.
• Фитосанитарна заштита: Поради високата релативна влажност и високите температури, кај есенските градинарски култури на отворено и во заштитените простори (пластеници) треба да се изврши превентивна заштита од растителни болести, придружена со редовно проветрување на пластениците.
• Планирање на активностите: Идните активности за плитка обработка на почвата и есенско садење да се прилагодат во координација со најавените локални врнежи од сабота, со цел да се избегне обработка на премногу влажна почва и нејзино несакано набивање.
Извор: Агрометео

