Дали и колку кај нас сме упатени со производството на шафран, колку имаме производители на оваа билка и каде и како можат да се набават луковиците? Ова се прашањата кои се наметнуваат кај нашите земјоделци кај кои во последно време се почесто се јавува идејата за производство на „црвеното злато“ како што се нарекува шафранот.
Еден од оние похрабрите земјоделци кај нас кој се одлучи после долги години производство на тутун својот труд да го насочи во производство на оваа ароматична билка е и 54 годишниот Жарко Гиновски од село Долнени. Вели дека идејата ја имал веќе извесен период а по неколкуте разговори кои ги имал со неговите пријатели од Холандија кога бил таму, почнал посериозно да размислува да се зафати со овој бизнис.
– Тоа се мои пријатели од Холандија или Земјата на лалињата како што ја нарекуваат, тие скоро 15 години имаат ваков бизнис во Бугарија, па по нашите разговори најпрво зедоа неколку примероци од нашата почва и испитувањата покажаа дека условите одговараат за производство на шафран овде и тоа од прва класа. Веднаш потоа почнав да се интересирам повеќе околу негово производство и еве сум на чекор од реализација на оваа моја идеја, објаснува Гиновски.
Вели дека во нашата земја има веќе аматерски обиди за одгледување на оваа билка на според неговите сознанија, околу 15 – ина декари, но дека треба уште многу време и едукација за нашите земјоделци да ги осознаат вистинските вредности на шафранот. Според него, предвидени се и субвенции за оваа култура за 2020 година па веројатно тоа многу ќе влијае за поттикнување на идејата за негово производство.
– Разговараме за формирање на регионална мрежа на производители на шафран и тоа Северна Македонија, Косово, Неготин од Србија и од Албанија. Така здружени заедно би имале сигурен настап на пазарот, ќе разменуваме идеи, искуства, ќе соработуваме и претставуваме за освојување на пазарот на шафран. Сметам дека кај нас треба посериозно да почнеме да се занимаваме со одгледување на оваа билка, затоа што носи голем профит и има иднина, порачува нашиот соговорник.
Се информирал дека луковиците можат да се набават од Србија, Бугарија, Холандија и Шпанија а цената зависи од тоа колкава количина планирате да купите, ако се земало помала количина, како што вели тој, цената изнесувала од 1 до 1,5 евро за луковица. Садењето почнува со копање на дупки на растојание од 5 до 15 см, длабочина до 7 до 15 см и растојание меѓу два редови 30 см. За еден декар според пресметките се потребни 667 луковици, кои се садат со врвот нагоре, веднаш се наводнуваат и доколку се сади подлабоко, цветовите се во помал број но затоа имаат пак поголем квалитет.
Собирањето на шафранот е многу бавна и внимателна работа и за еден килограм треба да се обработат околу 130.000 цветови додека за 1 грам се потребни 150 цветови. Собирањето се одвива исклучиво рачно за што е потребно и ангажирање на поголема работна сила. Му одговара медитеранската клима но успева и во умерено континентална клима, појаснува овој искусен земјоделец кој долги години е докажан како голем производител на тутун.
Самиот принос, според нашиот соговорник зависи од тоа, колку растенија имаат засадено, при бербата се собираат само толчниците кои се црвени по боја, потоа се сушат на температура од 40 до 50 степени Целзиусови, во сушилници за време од еден ден. Не се препорачува шафранот да се суши директно на сонце затоа што зраците можат да влијаат на аромата на шафранот.
Овој 54 годишен земјоделец од село Долнени, долги години се занимава со одгледување на тутун и тоа на површина од околу 25 декари, вели годинава поминал добро, задоволен од цената по која го продал својот производ која му излегла во просек од 220 денари за килограм. Од месец септември заедно со уште 10 регистрирани земјоделци дошле на идеја да ја формираат ЗЗ Шафран, поведени од тоа дека здружените земјоделци можат подобро денес да дејствуваат. Добиле грант од ЕУ а очекуваат и друга поддршка. Исто така и пласманот им е обезбеден.
Еден од факторите е кратката сезона на цветање, имено шафранот цвета само 3 седмици во годината. Стебленцата на шафранот растат многу ниско па самито процес на берење е макотрпен, ова исто така влијае и за зголемување на работната сила, што дополнително влијае на високата цена на зачинот.
Напишете коментар