За сточарите, производството на сопствена добиточна храна е најважната работа од која им зависи ренатабилноста на производството.
Цената на јачменот, луцерката и другите култури кои се дел од добиточната храна се високи и кога ќе се стави во пресметката на производната цена, значително го зголемува трошокот за производство. Токму затоа најдобро решение за нив е да имаат сопствено производство.

Сточарската Био Фарма 1 Мај има 4000 грла овци кои летно време се на Шар Планина, а зимно време се во бачилата во село Драгоево – Штип. Добиточната храна ја обезбедуваат половина од сопствено производство, остатокот го купуваат од земјоделци.
-Ние имаме 4000 грла овци и половина од потребната храна ја обезбедуваме од сопствено производство, а останатата количина ја набавуваме од производител на органски јачмен. Најдобро за нас сточарите е да имаме сопствено производство на зрно за добиточна храна бидејќи од цената на храната најмногу ни зависи рентабилноста на производството. Затоа еден апел до министерството и Владата да има повици за земја наменети за сточарите – вели Насер Џемаили од Био Фарма 1 -ви Мај.
Тие моментално спремаат за сеидба на пролетен јачмен околу 60 хектари земја во светиниколско.


За да ни биде рентабилно производството треба сами да си произведуваме зрно за добиточна храна и на тој начин да го искористиме и арското ѓубре за добивање повисоки и органски производи – вели Џемаили.
Прашавме и за актуелниот проблем со пласманот на јагнињата.
-Откупот на јагнето секоја година кога е шпицот паѓа цената. За тоа разговаравме со ресорниот министер кој ни вети дека ќе има состанок и со откупувачите и кланичарите и ќе се направи се што треба за да се има еден сигурен откуп – изјави Џемаили.

На тема овчарство зборуваме и за недостигот од работна сила и за овчари кои се потешко можат да се најдат.
Ние годишно ангажираме 20 -25 овчари, а во летниот период и до 30. Но поради недостиг на работна сила, како и промените во субвенционирањето со што не се плаќаат јагнињата за приплод, се повеќе се напушта оваа сточарска гранка, односно евидентно е намалување на бројот на овци. Исто и ние планираме да ги намалиме – вели Џемаили.

Од другите производи, потенцира дека доходовно е сирењето и тие годишно произведуваат до 40 тона. Но остана најголема мака за нив – Законот за пасишта. Имено сега секоја година мора да го продолжуваат договорот и таа неизвесност дали повторно ќе го имаат пасиштето ги спречува да инвестираат и да ги подобрат условите.
-Законот за пасишта мора да се промени, тоа ни е голем проблем и не спречува да инвестираме и да се развиваме – изјави Џемаили.

