Иако од маслодајната репка не треба да се очекува многу мед, со оглед на тоа што во прашање е прва паша на пчелите која пред сѐ служи за нивен развој и подготовка за багрем, медот добиен од маслодајната репка е со исклучителен квалитет, а бројни специфичности го прават посебен и поинаков во однос на останатите видови.
„Се започна кога рој пчели слетаа на слива. Почнавме со тој еден рој, подоцна се разви во бизнис и стана примарен извор на приходи за нашето семејство. Пред три години решивме да влеземе и во органското пчеларство и очекуваме тоа да биде нов пат на нашиот развој“, вели Дарко Батиниќ од Зрењанин, кој се занимава со пчеларство повеќе од 15 години.
Помеѓу багремовиот, ливадскиот, липовиот и шумскиот, посебно место во неговото производство зазема медот од маслодајна репка.

„На луѓето им е интересно, бидејќи на прв поглед се прашуваат за што се работи. Има многу специфична текстура, поради единствениот сооднос на шеќер и големото количество полен, многу брзо се кристализира.“
Или се воодушевени или не сакаат веќе да го пробаат
Посебен е по тоа што неговата боја се движи од бела до благо жолта, но пред сè го карактеризира белиот кристал. Текстурата е кремаста, а се одликува со специфичен мирис и вкус што оние кои ќе го пробаат или целосно се воодушевуваат или не сакаат никогаш повеќе да го вкусат.
„Или ќе побараат повторно или ќе речат „не ми давај пак“. Не може да се расипе, како и секој мед, но е поинаков затоа што може да дојде до вриење. Ако пчеларот е принуден да го извади порано, таа количина на влага ќе биде уште поголема и после некое време ако се чува на потопла температура ќе зоврие. Може да се јаде, но доаѓа до ферментација“, посочува соговорникот на Агроклуб.
Тој додава дека медот од маслодајна репка има позитивно влијание на дигестивниот тракт, а исто така покажува многу добри ефекти кога се зема за простата.

„Може да биде одлична комбинација со семки од тиква за да се спречат проблеми со простатата. Него нема да го најдете често во продавниците. Не е толку застапен но е еден од врвните медови. Пчеларите избегнуваат да го пласираат во малопродажбата токму поради опасноста од вриење. Главно се продава како во некои мешавини“.
Декристализацијата, напоменува тој, не се препорачува, бидејќи многу брзо ќе се врати во кристална состојба, па дури и при декристализација вкусот и аромата целосно се менуваат.
Се кристализира уште во рамките
Тој додава дека на пчеларите им е многу важно токму затоа што маслодајната репка е една од првите паши. Но, мал проблем е брзината на кристализација, бидејќи може да се кристализира во самите рамки, а само пчеларите можат да го видат во течна состојба.

„Во рок од три дена тој станува бел, кремаст кристал. Кога ќе се кристализира во рамките, тоа претставува проблем, бидејќи може да дојде до кршење на рамките. Поради нерамномерноста на масата на рамките, доаѓа до осцилации на центрифугата, така што проблемот е за самата машина. Голема количина на мед се враќа назад во кошницата, бидејќи не може да излезе од рамките“, објаснува Батиниќ.
Исто така, доколку тоа трае неколку дена, на машините веќе може да дојде до кристализација, па пчеларот во меѓувреме мора да ги исчисти. Но, квалитетот е непроценлив.
„Конвенционалната маслодајна репка многу не се третира со пестициди. Тоа се прави на самиот почеток на цветањето и после тој третман, после три дена, во контакт со агрономот се договара доаѓање на пчеларот. Кога се почитува тоа, тогаш е сосема безбеден за пчелите, а според некои истражувања од Естонија, потврдено е дека во самиот мед не се пронајдени остатоци од пестициди“, вели овој млад пчелар.
Сепак, напоменува, важно е да се биде во постојан контакт со агрономот, а поради зголемениот интерес на малите земјоделци за производство на маслодајна репка, во иднина може да има проблем со труење на пчелите, доколку вегетацијата не биде изедначена.
