Животна желба на Рајна Бржиќ од Ткон на островот Пашман ѝ била да работи на земјата и вели дека ништо не ѝ е тешко затоа што сè прави со љубов и радост.
„Се вложува многу напор, но има и големо уживање“, вели таа.
„Ништо не може да се направи во животот без волја и љубов. Ако се работи без волја, нема ниту среќа ниту успех”, смета Рајна.

Семејството Бржиќ првенствено се занимава со одгледување маслинки, што било сон на нејзиниот сопруг Невен, и тие прават сè на традиционален начин. Имаат 160 маслинови дрвја на два хектари земја и уште 60 на половина хектар, што е вкупно 220 дрвја.

„Тоа е неговиот живот, тој апсолутно ужива во маслинката. Па, и двајцата се најдовме во земјоделството, тоа е наша заедничка љубов и уживаме во секој момент“, вели Рајна.
Магарето како „жива косилка“
Во еден момент, им се укажала можност да набават магаре. Велат дека добиле „жива косилка“ што попатно и ги наѓубрува дрвјата. Подоцна купиле и магарица и наскоро добиле потомство. Чуваат и кокошки во маслинарникот, па тоа е вистинско органско одгледување маслинка.

„Веќе околу пет години, бидејќи имаме магариња, не ја третираме земјата со вештачко ѓубриво“, велат тие и додаваат дека наскоро планираат да набават овци.
Во понудата имаат млеко од магаре, дел продаваат, Рајна прави сапуни од млеко, а од неодамна и креми.

„Тие се добри за псоријаза, гнојни мозолчиња, за ублажување на каснување од комарец и слично“, вели таа, додавајќи дека дури направила и мелем за усни.
„Животот е борба, но во секој момент треба да се бара задоволството и душевниот мир.“, вели Рајна.
Во нејзините производи, сè е на растителна база, нема ни трошка вештачко.
„На почеток сум кога станува збор за козметика, собирам знаење од поискусни жени и нешто од Интернет. Интересот засега е многу добар“, вели таа.

Од сè по малку
Неколку производи од фармата на семејството Невен Брзиќ ја носат ознаката Хрватски островски производ (ХОП). Дефинитивно вреди да се споменат солените суви црни маслинки, за кои и Рајна признава дека се вистински деликатеси.
„Кога маслинките ќе ја изгубат целата вода и киселост, ги ставам во нашето маслиново масло и така ги конзервирам“, опишува таа.

Ознака имаат и нејзините фритули, маслиновото масло, сапунот и „спара“.
„Спара е платнено округло перниче исполнето со лаванда. Има дијаметар од 12 сантиметри и е направено да биде сувенир“, објаснува Рајна.

Извор: agroklub.com
