Денес во Хотел „Карпош“ во Скопје се одржа Лидерски појадок на тема „Дигитализација и иновации“, во организација на Здружението на бизнис жени.
Настанот се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на екосистемот за женско претприемништво во Северна Македонија и подобрување на одржливоста на Здружението на бизнис жени“, финансиран од Center for International Private Enterprise

Свои излагања имаа:
Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени;
м-р Марија Михајлоска Јанкуловска, консултантка;
Марија Митева, портпаролка на Владата на Република Северна Македонија;
Елена Петрова, директорка на Управата за јавни приходи;
Гордана Клинчарова, државна секретарка во Министерството за дигитална трансформација.

Преку нивните излагања беа споделени значајни искуства, ставови и идеи за улогата на дигитализацијата и иновациите во развојот на бизнисите и унапредувањето на деловното опкружување.
Директорката на УЈП информира во своето обраќање на тема „Дигитална трансформација: решенија, иновации и можности за бизнисите“ посочи дека:
„Дигитализацијата не треба да биде уште една обврска. Таа треба да биде алатка за подобар бизнис.“
За мене, дигиталната трансформација не е само воведување нова технологија. Таа значи промена на начинот на работа – услугите да бидат полесни, побрзи и попредвидливи за граѓаните и компаниите.
Посебно разговаравме за е-Фактурата, нејзината практична примена и роковите, а ги споделив и плановите и активностите на УЈП во насока на понатамошна дигитализација на даночните процеси.
Верувам дека отворениот дијалог со бизнис-секторот е клучен за успешно спроведување на дигиталните реформи.
Лидерството на жените значи визија, храброст, одлучност и – отвореност за промени. Промените се случуваат континуирано, особено преку дигиталната трансформација. Жените претприемачки, бизнисменки, менаџери го покажуваат своето лидерство и со прифаќање на промените од дигитализацијата, не како воведување нови технологии, софтвери или ИТ системи, туку како промени на начинот на работење кои ќе генерираат раст, поголема продуктивност и конкурентност, рече Петрова.

Настанот беше збогатен со отворена дискусија и вмрежување, кои овозможија размена на мислења, искуства и контакти, како и создавање нови можности за соработка.
Голема благодарност до сите присутни за нивното учество, придонесот и инспиративните дискусии. Вашата поддршка и активност го направија овој настан успешен и значаен.
