Регионалното еколошко друштво „Екоживот“, изгради летниковец на планината Кожуф, во месноста Топликот, во атарот на селото Мајден, информираше денеска Александра Бојкова-Паризова, координатор на проектот „Континуиран мониторинг на биодиверзитетот во општина Кавадарци, со акцент на видовите од националната црвена листа”.
– Всушност, станува збор за проект помеѓу општината Кавадарци и Здружението за заштита и унапредување на животната средина „Екоживот“, за мониторинг за идентификација на видовите од националната црвена листа. Поблиско таргетирање на постоењето на видовите од националната црвена листа и нивно евидентирање, заради нивна полесна заштита од страна на овластени институции. Од страна на проектниот тим беа извршени теренски посети и мониторинг на биодиверзитетот на еко-живеалиштата и биосистемот на Кожуф Планина. Се обезбедија ретки видеа на кои се гледа богатата фауна и разновидната флора, како и однесувањето на дивите животни затекнати во ова подрачје. Имаме и посебна интернет-страница каде што можат да се видат богатствата на регионот, нагласи Бојкова-Паризова за МИА.
Таа појасни дека се работи за Поткожувјето, во близина на селото Мајден, Михајлово, атарот на селата Рожден, Конопиште, Козјак планина и други месности.
Бојкова-Паризова додаде дека летниковецот е токму на границата со планината Козјак и служи за одмор и релаксација на љубителите на природата, како и за непосредно доживување на богатиот биодиверзитет.