Составен дел од процесот на одгледување молзни крави е обновата на стадото. Постојат две главни причини за тоа: поради должината на траењето на производството на млеко или поради староста и појавата на одредени заболувања заради кои кравите мора да се заменат со нови јуници.
Основната работа при обновата на стадото е тоа што за замена треба да се одберат здрави високо-продуктивни јуници. Кај високо-продуктивните јуници на големите фарми, редовно се врши обнова на стадото на секои три до четири лактации, додека кај малите семејни фарми каде што има просечно три или четири крави за производство на млеко, скоро и да не се прави обновување, туку само новите јуници произволно се воведуваат во производството на млеко, и тие имаат просек до 10 лактации.
Предвремено обновување на стадото
Не е редок случајот кога молзните крави се заменуваат со нови уште пред тие да го достигнат максималното производство на млеко. Во повеќето случаи, причина за тоа е појавата на болест поради која грлото го намалува производството на млеко или поради сомнителниот и скап процес на лекување и трошоците за ветеринар.
Предвремено отсранување на некои грла, најчесто се прави поради болести како што се маститис, воспаление на матката после отелувањето, проблеми со репродукцијата, појава на кетоза и други дигестивни проблеми. Не мора да значи дека предвременото отстранување на грлото ќе претставува дополнителен трошок, напротив, на долг рок, попрофитабилно е да го замените грлото за молзење со нови високо продуктивни јуници во ситуации на заболувања или други причини.
На поголемите фарми, каде што се евидентираат и следат економските показатели, според нив се проценува кога е потребно да се обновува стадото. Добрата хигиенска пракса, добрите услови за чување на стоката и редовната дезинфекција се основа за превенција од појава на болести, а со тоа и од потребата за постапка за предвремено обновување.
Должина на производниот век

Молзните крави се под постојан притисок, за да има континуирано производство на млеко, и според храната која им се дава, од нив се очекува максимално производство на млеко. Просекот во ЕУ е над 7.500 литри млеко од едно грло во една лактација. Високата продуктивност за кравите претставува огромен стрес и причина за појава на некои болести, така што се смета дека на високо-продуктивните фарми, три до четири лактации се максимум за производство на млеко, по што тие се заменуваат со нови јуници.
На малите семејни фарми и мини фармите, должината на производниот век на молзните крави е скоро двојно поголем и се движи до седум или осум лактации, па дури има и случаи и над 10 лактации од едно грло. Во овие случаи, основата за обнова е возраста на кравите.
Кога точно треба да се прави обнова на стадото или пак замена на индивидуалните молзни крави, на овие фарми зависи од земјоделецот кој мора да донесе одлука. Најдобро е да се прави континуирано следење на бројот на лактациите, здравјето на грлото, неговата кондиција, процентот на репродукцијата и да се има во предвид и видот на расата.
Извор: Агроклуб
