Саше Китаноски од Кичево по професија е аранжер на свежо цвеќе и организатор на свадби и други свечености. Неговата работа е креативна и поврзана со природата преку аранжирање со природни материјали, најмногу цвеќе. Но тој има уште една љубов, уште една замисла како да се ужива во секојдневието, а тоа е дружењето со животни. Уште како мал во дворот постојано имал миленици, а во домот украсни рипчиња, папагали и канаринци.
„Никогаш не бев наситен на дружбата со животните, а кога дворот стана мал да ги собере моите миленци, пред неколку години направив скромни услови за живот на тогашните животни во родното село на мајка ми, Дупјани, Кичевско. Но бидејќи патот до селото е во многу лоша состојба, решив да побарам нова локација за мојата фарма. Купив нов плац во село Орланци и почнав со изградба на нова штала во декември 2021 година.“, ни раскажа 43-годишниот Саше за почетоците на неговата фарма.

Започнал првично со изградба на штала за животните, а планирал да направи и неколку објекти и езерце и сето тоа да го претвори во едно катче за опуштање на посетителите кои ќе сакаат да уживаат во недопрената природа и во друштво на разновидните животни. Со други зборови сакал да направи една мала селска идила.

„Толку бев среќен што од радост во празната ливада ги гледав готови објектите. Но работите се одвиваа многу тешко, сите материјали ги носевме во количка за малтер, времето беше ладно, дождливо, сè одеше многу тешко, но во ниеден момент не се откажавме. Со цел да направиме убави услови за нашите животни одбрав природни материјали, камен и дрво за да биде баш во етно стил, а воедно да им биде и удобно на животните. Објектот беше готов во април и веќе почна преселбата на животните. Први се вселија една квачка и нејзините 11 пилиња, па дојдоа овците, јуницата Дуња, овенот Јоцо, кучката Срничка, кучето Белчо, Шарпланинката Мече, ретриверката Ема, која е многу паметна, загарот Еленко, папагалот Полиграф, патките, гуските и останатите животни.“, со љубов во гласот раскажува Саше.

Потоа објасни дека многу се мачел да најде некаква финансиска помош или донација, па сè финансирал од сопствени средства.

„Финансирав сам од сопствени средства бидејќи три години лутав по невладини организации и институции барајќи некоја помош, субвенција или донација за изградба на нова штала.“

Саше планира за во иднина да направи езеро за водните птици, да се направат уште кафези за живината, стакленик за производство да свежо цвеќе за да може да ги спои хобито и бизнисот заедно.
„Сакам една ден фармата да прерасне во комплекс каде што ќе може да доаѓаат посетители, а пред сè дечиња и да поминат квалитено време со животните, да се дружат и да ја почуствуваат нивната искрена љубов и посветеност.

Единствено ми е тешко што не можам да најдам дополнителни средства за да ја забрзам работата и да си го остварам сонот. Голема помош од самиот почеток на изградбата на новиот објект имам од татко ми и уште некои мои блиски луѓе. 比特幣 賭博 Се надевам дека со мојата приказна ќе допрам до добронамерни донатори и до институциите кои ќе ми помогнат да го направам ова катче во кое сите ќе можат да уживаат“, ја заврши својата приказна Саше Китаноски.














