
Името „локални херои“ го позајмивме од словенечки проект кој ги пронаоѓа и промовира луѓето кои на различни начини со своите активности придонеле да се развие едно село, општина или цел регион. На тие луѓе потоа им помага државата и заеднички ја продолжуваат мисијата, а резултатот е поголем рурален развој.
Одлучивме овој проект да го примениме на наш терен, секако во делот на промоцијата, да ги побараме ваквите „локални херои“ и да ја мотивираме државата да им се приклучи во мисијата, но да испровоцираме и други, да создадеме нови херои.
Серијалот го отвараме со најубавата приказна за селски туризам, за желба, љубов, ентузијазам и амбиција на една жена да живее селски живот и да биде инспирација за други, а мотивација за Владата да се придружи на оваа мисија.
Катарина Георгиевска

Во малото селце Оморани (Општина Чашка), кое денес има околу 40-тина жители, во прекрасната природа на планината Јакупица, покрај реката Бабуна, сопружниците Катарина и Ванчо Георгиевски пред десетина година го започнале својот семеен бизнис со рурален туризам „Ранчо и Ванчо на Ката“.
Желбата да се биде поблиску до природата и да се живее на комплетно одржлив начин, ги мотивирала да го напуштат големиот град и да се посветат на сосема поинаков начин на живот. Во нивниот мал рај денесс доаѓаат гости од цел свет, а Катарина и Ванчо им овозможуваат да уживаат во мирот и природата, како и во вкусната храна спремена со свежи локални производи, подготвена по традиционални рецепти.

За сите предизвици на руралниот туризам, за сите нивни идеи и за сето она што го нуди „Ранчо и Ванчо на Ката“, екипата на „Агротим“, разговараше со Катарина Георгиевска, жена која веднаш плени со својата харизма.

Агротим: Во последно време, а особено за време на пандемијата се повеќе се зборува за развој на руралниот туризам, но вие започнавте многу порано да го развивате овој ваш бизнис. Како дојдовте на идеја да започнете еден ваков бизнис во село?
Катарина: Јас сум од оние поретките деца, кои растеле во град (Скопје). Немав баби и дедовци, ниту пак други роднини на село. Мојата прва средба со старото македонско село беше кога имав 27 години при посета на селото Маково, Мариовско. Речиси напуштеното село, обраснатите ниви, падини, а особено специфичниот мир на безграничното постоење кој ништо не го нарушува, ги доживеав како допир со Вселената. Мислата која протекуваше низ моите ум и тело при таа посета беше: „вака се живее“, алудирајќи на волшебниот мир. Еве, 22 години подоцна, мислам дека таа мисла доведе до физичка манифестација, преку иновативна идеја за т.н. селски туризам во село Оморани, кој овозможува доволно приходи за едно фино и опуштено семејно живеење во природа.
Некои сцени што ги гледавме во филмот „Врба“ овде се апсолутно реални! Во такви околности, моето доаѓање во селото, купување на 2 стари куќи во 2008 год. и реновирање на едната со цел „туризам“ беше во најмала рака исмејувано, па ги слушнав и најнеобичните приказни во животот. Првите гости ни дојдоа во 2012 год., и ако на почетокот доаѓањето на странци во селото беше гледано како „8то светско чудо“, денес тоа е нормално секојдневие. Воведовме бањи во секоја соба, септичка јама, систем за наводнување капка-по-капка, систем за греење на топла вода од сонцето, радијатори со греење на пелети, интернет …. па лека-полека и локалните жители покажуваат интерес за некои од овие „иновации“.
Од 2015 год., веќе сме претставени на најпознатата глобална платформа Booking.com за резервации за сместување и во моментов имаме висока оценка од 9,8 со многу позитивни препораки. Од година во година, бројот на гостите постојано се зголемува, а од 2017 год. понудивме и 2 гурмански менија за вечера „се` вклучено“ кои наидоа на одлични оценки.


Агротим: Што може да очекуваат гостите кога ќе дојдат на „Ранчо и Ванчо на Ката“? Каква е вашата понуда?
Катарина: Странските туристи доаѓаат од 2 причини: Во првата група се оние кои сакаат да побегнат од „организираниот живот во Европа“ и овде истражуваат, откриваат непознати искуства, учат за непознати историја, култура и традиции. Две мали деца од Швајцарија во текот на нивниот еднонеделен престој, доживеаја момент „да снема струја“ што за нив беше откритие на детството. Вториот вид на гости се т.н. нискобуџетни и доаѓаат заради сеуште ефтините цени во Македонија, па и на Балканот воопшто, и вообичаено наоѓаат атрактивни, интересни места со пријатно уредување, чиста околина и добра храна. Ние ги исполнуваме овие барања и за двете групи на посетители во Македонија.
Домашните гости се всушност помали групи од 8 лица од едно пошироко семејство или пак пријателски дружини, кои ја изнајмуваат целата куќа за минимум 2 ноќевања и уживаат во престојот: некои со мала, приватна журка, некои со одмор, летни освежителни пијалоци и однапред подготвена храна со мезелаци, во сите случаи заокружено со бескрајни лудории во базенот.

Сега знаеме дека, спојот на руралната локација, убаво уредените соби и градината, и домашно подготвената храна, е добитната комбинација за успех на нашиот бизнис.
Агротим: Има ли нешто што вашите гости посебно ги интересира? Што е она што најмногу бараат?
Катарина: Странците кои доаѓаат тука се луѓе во потрага по нови доживувања и особено искуства, многумина велат дека имаат чувство како да се вратиле 200 години во минатото и тоа „во живо“, а не се ретки и оние кои бараат дополнителни денови престој. Се интересираат за нашата историја, за традициите, за културата и кулинарството.
Домашните гости не` открија токму минатата 2020 год. кога во екот на пандемијата се случи пренасочување на туристичката индустрија кон локалното опкружување. Тие најмногу ја потенцираа интимноста на објектот кој е наменет за приватно уживање на 6 – 8 лица и спојот од автентичниот, традиционален стил на живеење кој се огледа во мебелот и декорациите на ентериерот, но и на екстериерот, со овозможена леснотија на модерно, комфорно живеење: базен, расположливост на 4 бањи, опремена кујна со современи апарати, интернет, и разни други детали поради кои гостите го оценуваат својот престој како „незаборавно доживување“. Сите гости особено изразуваат интерес за гастрономија и тоа со понуда која речиси не постои во типичните ресторани и слаткарници. Иако нашата понуда е скромна во квантитет, сепак, добиваме неверојатно високи оценки токму за квалитетот и оригиналноста.


Така на пример во октомври 2019 дојде една група од Шведската амбасада дојдоа да прават ајвар.За нив тоа беше оригинално и несекојдневно доживување.


Агротим: Што е она што руралниот туризам го прави различен од класичниот?
Катарина: Основната разлика е што угостителските услуги во руралниот туризам ги понудуваат самите домаќинства кои живеат во селска/рурална средина, при што гостите покрај самото уживање на мирот и волшебноста на селската идила, доживуваат нови искуства: вкусови на храна и пијалоци кои никогаш порано не ги пробале, традиционални занаети, стари предмети, земјоделие (кај нас во Македонија тоа е начин на тутунопроизводство, работа на овоштарници, или пак посета на мали козји фарми и трла со овци, пчеларници и сл.). Во животот можете 100 пати да престојувате во најлуксузни и просечни хотели или во приватни сместувачки партмани, но да се преспие една ноќ во традиционално село засекогаш ќе остане во вашето сеќавање. Домаќинката на селската куќа ќе ве опсипа со многу повеќе пријателска љубов отколку рецепционерот или келнерот во еден хотел. Ете тоа е таа разлика!
Додека во сите други угостителски објекти има вработено персонал кој има конкретни и специфични задачи, во едно селско домаќинство, самите членови на семејството се тие кои треба покрај секојдневните аграрни и животни обврски, да ги реализираат и задачите со чистење на соби (доколку се изнајмуваат соби за ноќевање), подготвување и сервирање на квалитетна храна, резервации, планирање и набавки. Овие членови на семејството никогаш не се туристички професионалци со соодветно образование за туризам; тоа се обични луѓе кои имале доволно храброст да ја отворат својата куќа за „добронамерниците“ и да ги понудат своите душа, љубов и гостопримство, за соодветен финансиски надомест, кој придонесува за нивното поквалитетно живеење.


Агротим: Како луѓето од странсво , па и од Македонија дознаваат за вас? Имате ли некаква соработка со здруженија или туристички агенции кои придонесуваат за вашата промоција?
Катарина: Со оглед на тоа дека живееме во дигитална ера во која се повеќе се зголемува бројот на т.н. индивидуални самоорганизирани туристи, првата работа што ја направив во 2012 год. беше изработка на веб-страница на англиски јазик, а потоа и влез на глобалните платформи Booking.com и AirBnb. Бидејќи нашиот капацитет е многу мал (само 3 – 4 соби), оваа поставеност е сосема доволна за да бидеме забележани од онаа целна група која бара ваков вид на авантура и доживување и да имаме зголемување на пополнетоста на капацитетот со текот на годините.
Пред 10-тина години, мислев дека ќе биде можно да ангажирам локални соработници кои ќе помагаат за разни активности во куќата или ќе не снабдуваат со домашно произведена храна, но веќе сфатив дека тоа не е можно. Причините за тоа се многу длабоки и комплексни. Накратко може да се каже дека на жителите од руралните средини им недостига едукација за сето ова, па без континуирани надворешни напори од страна на општината или државните институции , било каков напредок за малку посовремено работно ангажирање и во областа на туризмот, е практично невозможен. Мислам дека селата во Македонија ќе почнат да заживуваат во следните децении, со доаѓањето на некои нови генерации. Тие може да започнат одново да ги населеуваат овие области и да започнат еден нов начин на живот, кој ќе биде еден вид мешавина од традиционалните искуства, почитување на природните вредности и желбата за нов вид хедонизам – богатство на умот и душата во спој со природата, еден вид модерно рурално (наместо урбано) живеење.
Соработка со туристички агенции од Македонија досега не сме имале, иако бил пројавуван интерес. Добро е што можеме да ги користиме дигиталните технологии, бидејќи на тој начин директно се поврзуваме со сите заинтересирани посетители. Важно е да се има т.н. претприемнички дух и голема самодоверба.
Агротим: Годинава беше тешка за сите, а особено за туризмот. Какво е вашето искуство?
Катарина: Ова е прва година (заради моменталната затвореност на прекуграничните патувања) да доживееме голем пробив на домашниот пазар. Забележувам дека претежно гостите се на возраст од 27 – 45 години, фасцинирани се од нашиот објект, од автентичниот стил и декорациите на ентериерот, па се до поставеноста на креветот на чардакот од кој човек може да се „изгуби“ гледајќи го патот на месечината. Велат дека доживуваат незаборавни и неповторливи мигови, а многумина веќе бараат следни термини за посета. За разлика од поплаките за големите загуби во угостителскиот сектор за кои слушаме преку медиумите, во руралниот туризам немаше разлика во висината на приходите; напротив, капцитетот ни беше целосно пополнет. Ова не е случај само со „Ранчо и Ванчо на Ката“, ги следам состојбите на глобално ниво и низ целиот свет, во условите на познатата пандемија најмногу исполнети капацитети беа токму малите, комфорни објекти во руралните области.


Агротим: Кои се вашите планови за наредниот период, ќе има ли нешто ново на „ Ранчо и Ванчо на Ката“во иднина?
Катарина: По повеќегодишното искуство и минатогодишниот успех кај македонските гости, размислуваме во повеќе насоки за проширување на понудата. Со оглед на тоа што јас и Ванчо сеуште живееме во Скопје каде имаме работни ангажмани, визијата за идниот развој се заснова на одлуката за постепено повлекување од постоечките активности и пренасочување кон повеќемесечно живеење во село и занимавање со дејноста рурален туризам. Ова е наша цел заради здравствени причини, но и стил на помирно, а поквалитетно живеење, за разлика од градот Скопје.
Има неколку активни финансиски програми за рурален развој, вклучително и туризмот, како од Владата на РСМ, така и од други донаторски програми. Во моментов сум корисник на техничка помош од УНДП за развој на мали бизниси и доделен ми е ментор со кој одлучив да изработам бизнис план со различни сценарија. Единствениот „проблем“ со кој се соочувам е тоа што имам поголем број идеи и сите се остварливи, но со оглед на недостаток на работна сила во руралните средини, а и нашите повозрасни години, треба да се одлучиме за избор на 1 – 2 идеи. Се надевам дека по прецизирањето на бизнис планот, полесно ќе одлучиме која насока да ја одбереме, а потоа со помош на најавената мерка 7 од ИПАРД програмата за 2021 година, како и други активни мерки за рурални жени, отпочнување на сопствен бизнис во село, итн., уште во текот на 2021 год. ќе реализираме и нова понуда, пред се` излегувајќи во пресрет на предлозите, препораките и интересот на нашите гости.

„Доволно е силно да посакаме нешто, а Вселената ќе се потруди тоа да го организира на најдобриот можен начин за нас, во соодветно време и во специфичен сплет на околности“ – вели Катарина, за крај на денешната приказна за Агротим, но како почеток на едно сериозно сфаќање на нашите предности кои треба да се искористат во интерес на сите.
Ваквите „локални херои“ треба да се негуваат, прво од страна на Општината во која делуваат и создаваат, а потоа и од државата.
Во Општина Чашка, локалната власт веќе има основа за поголем развој на руралниот туризам, на заживување на целиот регион и тоа треба максимално да го искористи. Заедно централната власт, во соработка со приватниот сектор, со земјоделски здруженија и асоции, акцентот на 2021 треба да биде токму Руралниот развој, како почеток на една повеќегодишна стратегија. Во овој процес максимална поддршка ќе има и од ЕУ, каде 40% од буџетот се одвојува токму за земјоделското производство и руралниот развој.
“Рурално е модерно“ е новата девиза за развој, не само на селата, туку и на државата.

Напишете коментар