Веќе на големо се врши расадување на расадот за домат и пиперки во пластеници.
Да се произведе квалитетен расад е основа за понатамошно успешно производство на зеленчук и во пластеник и на отворено. Квалитетот на расадот најдобро може да се оцени со голо око.
Расадот треба да биде со висина карактеристична за видот и сортата на зеленчукот. Висината на стебленцето е 15-20 см, еластично е, може да се витка, но не да пука, со 6 до 8 постојано развиени листови кои имаат темно зелена боја. Најважно е расадот да не прераснал.
Висината на стеблото помеѓу хипокотилот и епикотилот треба да е што пократка, односно растојанието од површината на почвата до котиледонските листови и од котиледонските листови до првиот постојан лист треба да биде што пократко. Присуството на котиледонските листови на растението значи дека растението во текот на својот животен циклус од никнување до расадување не преживеало ниеден стрес, односно дека растело во идеални услови.
Многу често на врвот на стеблата почнуваат да се формираат први цветови. Таквиот расад е идеален за расадување и брзо се адаптира на новите услови после расадувањето.
