Кокошкините вошки се најчестите штетници кои ги напаѓаат кокошките и другата живина. Кога ќе се појават, тие брзо се размножуваат и можат да заразат цело јато. Тие пренесуваат заразни болести за време на хранењето.
Животните на кои паразитираат се немирни, нервозни, слабеат, го намалуваат производството на јајца, го губат имунитетот и можат да предизвикаат угинување на птиците. Затоа е важно редовно да се проверува состојбата на кокошките или другата живина и да се одржува хигиената во сместувачките капацитети.
Кокошкините вошки се карактеризираат со мали димензии на телото. Возрасните единки живеат околу еден месец. Тие се хранат со цицање крв и лушпи од кожата. До своите домаќини стигнуваат преку контакт со друга живина, но и преку дивите птици и глодари. Нехигиената исто така придонесува за нивно ширење.
Како да се забележи присуство на вошките?
Сопствениците на живина треба да ги набљудуваат и редовно да ги проверуваат животните за што порано да ги забележат симптомите на појава на вошки. Прегледот се врши на секои четири до пет недели. Животните треба да се прегледаат со помош на батерија или светилка. Детално прегледајте ја главата, вратот, пределот под крилјата, нозете, особено внатрешноста и областа околу клоаката.
Нивното присуство може да се забележи со менување на однесувањето на животните кои стануваат немирни.
Бидејќи вошките се хранат со цицање крв, кокошките чувствуваат пецкање, чешање. Кожата на телото станува црвена, се лупи, се формираат рани и красти. Пердувите паѓаат и се формираат голи површини.
Поради зголемениот број на вошки кои се хранат на површината на кожата, животните го губат апетитот, слабеат, снесуваат помалку јајца и им се јавуваат нарушувања на спиењето.
Мерки за сузбивање
Основна превентивна мерка е одржување на хигиената во објектот каде што чуваме живина. Песокот за суво капење мора да биде чист. Контролата на глодари е задолжителна. Не треба да има премногу единки во објектот.

Неопходно е да се забележи појавата на вошките што е можно побрзо и веднаш да се делува. Повеќето природни средства се ефикасни во раните фази на инфекцијата кога има помалку штетни единки кај живината и во објектот Секоја единка мора да се третира посебно.
Кога ќе откриеме присуство на вошки, потребно е да ја извадиме живината од објектот кој ќе го чистиме и ќе го искречиме. Овие паразити влегуваат и во најмалите пукнатини и затоа чистење, кречење и дезинсекција мора да се направи темелно.
Од природните средства се користат оцет и разни растителни видови. Оцетот се разредува со вода во сооднос 1:3 и се нанесува со помош на распрскувач. По чистењето потребно е добро да се испрска објектот.
Од билните средства како најдобар се покажал растворот од камилица, рузмарин и вратика. Земете по 300 гр од секој вид, потопете во 6 л врела вода и продолжете со варењето уште 15 минути. Кога ќе се излади, можеме да ја третираме живината со овој препарат.
Бањите со сув песок мора да бидат чисти. Најдобро е песокот да го измешаме со пепел во сооднос 1:1 и да ги ставиме садовите во објектот или во близина. Постапката трае малку подолго, но е многу ефикасна на долг рок. Може да се спроведе и превентивно.
Користете само наменски средства
Треба да се внимава при изборот на хемикалии, особено кога станува збор за дезинсекција на кокошарници. Некои производи се забранети за употреба кога станува збор за живина, бидејќи штетно делуваат на живите животни. Другите агенси не предизвикуваат проблеми кај живината, туку се таложат во месото, јајцата и преку храната стигнуваат до човечкото тело, предизвикувајќи интоксикации (труење, болести, алергии). Користете само специјални средства во форма на прав, спреј, течни, водени раствори. Заштитете се кога нанесувате хемикалии. Како и кај природните, од вошките нема да се ослободиме ако само го третираме просторот или само живината.
Извор: agroklub.com
