Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека минатата недела инспектор извршил надзор над депонијата во Росоман, која често се опожарува во летниот периот и од која се ослободуваат штетни емисии во воздухот. Во текот на надзорот имало траги од горење и видлив чад на повеќе места.
„Јавното комунално претпријатие и одговорното лице се казнети парично (3000 евра за правното лице и 900 евра за одговорното лице). Исто така, издадена е наредба за гаснење на пожарот и постојано одржување на минимални технички услови согласно Законот за управување со отпад“, наведуваат од ДИЖС.

Државниот инспекторат за животна средина постојано врши контроли врз примената на минималните технички услови на депониите на кои се отстранува отпадот од страна на општинските јавни комунални претпријатија.
