Неселективна исплата на субвенции, нови програми, Млад земјоделец, Рурална жена, ИПАРД, интервентни мерки, излегување во пресрет на земјоделците, исплата на заостанати субвенции, долгови на лозари во винарии, контроли на терен за да се спречи можна злоупотреба на субвенциите…списокот на сработеното на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој е долг.
Разговараме со првиот човек на Агенцијата, Николче Бабовски, најодговорниот или најзаслужниот за реализација на 99 % од планираниот буџет, што ја прави институцијата една од најуспешните во реализацијата на буџетот, а од почеток на мандатот до денеска по сите програми се исплатени над 334,5 милиони евра во агро – секторот
Г- дине Бабовски, годината изминува, а Платежната агенција се повеќе е актуелна кај земјоделците. До 25.12 траеше пријавувања за неколку редовни субвенции но и за мерката „Рурална жена“. Дали пристигнаа голем број апликации, бидејќи имаше интересот кај земјоделците, барем според јавувањата во Агротим.мк ?
Повикот веќе заврши, и мора да признаеме дека интересот е огромен. До АФПЗРР, има пристигнато над 400 апликации за Рурална жена. Жените домаќински, но сигурно ќе го потрошат расположливиот буџет за оваа Мерка. Има различни предлог инвестиции и од сите делови на државава што значи дека жените преку средствата од оваа мерка ќе ги развиваат сите делови од Република Северна Македонија.
До каде е постапката за мерката „Млад земјоделец“ од последниот повик?
Веќе ги склучивме првите 9 договори за Млад земјоделец во тек на наредните денови ќе се потпишуваат останатите. Вкупно на овој повик одобрени се 102 барања. Со само два повика склучивме 526 договори за инвестиции и отворање на нови работни места за младите кои се нашата иднина. Средствата до 10 илјади евра се неповратен грант, а со овие пари апликантите ќе набават: сенопревртувачи, машина за нижење на тутун, млин за сточна храна, машина за извлекување на коски од сува цреша, комплетна опрема за пчеларство, собирач за лешници, апарат за тресење на сливи.
Радува и податокот што со средства од мерката Млад Земјоделец, ќе се набавуваат пчелни роеви, назимки и високо стелни јуници, односно ќе реализираат инвестиции во сточарството, што е дополнителна додадена вредност затоа што на овој начин се зголемува и сточниот фонд. Инвестициите ќе се реализираат во сите региони на Република Северна Македонија што значи дека во повеќе делови од државава ќе се отворат нови бизниси и нови работни места. Владата, Министерството и Агенцијата во изминатиот период направија низа измени на програмата се со цел олеснување на условите за добивање на оваа финансиска поддршка. Во текот на наредниот период ќе објавиме нов повик за кои апликантите ќе имаат можност да добијат двојно поголема подршка 20 илјади евра по корисник за реализирање на инвестиции во агро секторот. Само со вложување во младите може да влијаеме на одливот на млад кадар во странство. Агенцијата и во наредниот период ќе продолжи да спроведува мерки и програми кои нудат поволни услови за развој на домашниот агро сектор и отворање на нови работни места.
Кога се очекува новиот повик за„ Млад земјоделец“ со двојно повеќе пари во споредба со претходните, односно 20 000 евра неповратни за земјоделците?
Ја затвораме оваа година, која мора да посочам беше позитивна и успешна. Штом стане оперативен Буџетот за 2020 година, и штом бидат донесени Програмите и критериумите од страна на МЗШВ, а ние како институција ќе почнеме и со подготовка, но и со објава на Повиците по сите Мерки. Точно, поддршката за Млад земјоделец, веќе за наредниот повик ќе биде двојно поголема, односно, ќе се додели до 20 илјади евра неповратен грант корисник за да можат младите земјоделци да развиваат сопствени бизниси и да ги окрупнуваат површините со земјоделски производи или пак да инвестираат во фарми. Секој вложен денар во агро секторот се враќа во форма на суровина, а со тоа и задоволување на потребите од земјоделски производи од домашно производство.
Каква е соработката со МЗШВ, односно секторот каде се подготвуваат мерките бидејќи знаеме дека вие како институција само спроведувате мерки креирани од МЗШВ, но често реакциите негативни се по вас? Дали има двонасочност во вашата соработка, односно вие како Платежна да им укажете на службите дека некоја мерка треба да се подобри или нешто промени?
Ние сме тим кој од досегашното работење покажаме дека успешно се носиме со сите позитивни и негативни случувања, но во корист на нашите корисници земјоделците. Како и секаде, така и кај нас, некогаш многу лесно и брзо наоѓаме заедничко решение на некои од проблемите, некогаш ни треба повеќе време, но на крај сепак се се завршува како што треба и во корист на земјоделците односно на оние за кои ние работиме. Секогаш кога беше потребно, кога земјоделците се соочува со проблеми во пласманот, ниски откупни цени, штетите од временски непогоди, МЗШВ навремено носеше мерки а ние како Агенција ги реализиравме со цел да се надомести загубата што ја трпат земјоделците, но и мреки за стабилизирање на пазарот. Решивме долгогодишен проблем што ги тиштеше лозарите.
Каков ви е планот до крајот на календарска 2019 година околу исплата на субвенциите и оние дополнителни и новите мерки? Колку досега исплативте?
Кога ќе ги сумираме сите три програми – директни плаќања, рурален развој и аквакултура, можеме да кажеме дека реализацијата на буџетот за поддршка во 2019 година е преку 99 отсто. Ова покажува дека како институција сме една од најдобрите во државата според реализација на буџетот. Од почеток на мандат до денеска по сите програми исплативме 334,5 милиони евра во агро – секторот. Тоа е свеж капитал кој ако се реинвестира во развој на постојните или отворање на нови стопанстсва би значело и повеќе приходи но и зголемување на производството.
Остана револтот кај вистинските земјоделци кои очекуваа дека ќе престане давањето на субвенции на оние кои не ги работат површините а земаат? Каква е постапката за овие случаи? Кои институции се пресудни за овој процес?
Па не би рекол дека се работи за револт затоа што субвенции се даваат на оние кои не ги заслужиле, односно не ги изработиле нивите и засеаните култури. Ние имаме инструменти и механизми да ги надминуваме ваквите состојби, а со тоа и да спречиме можни злоупотреби. АФПЗРР, постојано врши контроли на терен и секаде каде ќе се наиде на пропуст се преземаат соодветни дејствија согласно законот. Во цел овој процес активно и заедно со МЗШВ, Агенцијата за храна и ветерина, Државниот инспекторат за земјоделство и по потреба други иституции вршиме контроли и правиме се за да нема малверзации .
Најчесто отстапки има кај оние култури кои повлекуваат повисока сума за субвенции. Во 2019 година кај овие т.н. високоризични култури и корисници на субвенции, покрај редовната, направивме уште една, дополнителна, стопроцентна проверка на насадите. Контролите покажаа дека е многу мал бројот на злоупотреби и за сите нив веќе се изготвуваат решенија за поврат на средствата. Тука нема да има милост. Точно, ние не сме истражен орган, но она што е во наша надлежност, целосно го спроведуваме. Секој што направил какви било отстапувања надвор од законски дозволените, мора да направат целосен поврат на средствата. Во спротивно, најпрво почнува да тече затезна камата, а потоа следува постапка со извршител.
Каков ви е планот за 2020? Во Буџетотот се планирани парите за програмите за поддршка на земјоделството, но што е она што вие го очекувате или сакате да го сугерирате на Владата, а во интерес на навремена и неселективна исплата на субвенциите?
Годината ќе завршиме а и ке ја почнеме со нови Повици за ИПАРД, бидејќи како што кажаа и од Брисел, Македонија е лидер во искористување на ИПАРД. За прв пат, земјава нема да враќа средства назад и нема да плаќа пенали за неискористеност на средства од ИПАРД туку ќе бара повеќе пари за нови инвестиции во земјоделството. Само што се објави огласот за аплицирање за Мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибини производи.“ а во тек на јануари го објавуваме и новиот повик за ИПАРД 2, Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“. Мерката е наменета за индивидуалните земјоделци и унапредување на нивните стопанства.
Ќе бидам нескромен, но ќе кажам дека очекувам уште поголем број на апликации за искористување на средства преку ИПАРД 2 програмата. Планот е да стигнеме до максималната сума на искористени средства од оние кои ни се на располагање преку ИПАРД 2 програмата. Со тоа, практично како и оваа и наредната година ќе влееме нов, свеж капитал во домашниот агросектор, ќе обезбедиме отворање на нови работни места, ќе овозможиме додавање на додадена вредност на домашното земјоделско производство. Наредната, како и оваа година акцентот ќе биде ставен на реализација на капитални инвестиции во општините, а ќе продолжат и поттикнувачките мерки за окрупнување на земјоделските површини, здружување во кооперативи како и зголемување на домашното земјоделско производство. Ќе продолжиме со реализација на мерките за младите но и за жените. Очекуваме да дадеме еден нов стимул за отворање на нови капацитети, нови земјоделски стопанства, да се создаваат нови успешни приказни во агро секторот.
Напишете коментар