Турските полиња изгледаат импресивно обоени во црвено поради сушењето на доматите на сонце. Тоа е вообичаена традиција која обично започнува кон средината на јули во оваа блискоисточна земја, јавува Anadolu Agency.

На екстремно високи температури, работниците и земјоделците ги сечат доматите на половина, ги чистат стебленцата и ги редат на бели простирки. Потоа ги посолуваат или ги попрскуваат со сулфити, во зависност од барањата на клиентите, и така доматите се сушат една недела на сонце.

Турција ги извезува во повеќе од 60 земји, пред сѐ во САД и Европа. Од европските земји, најголеми купувачи се Италија, поради традиционалната кујна во која консумираат големи количини од овој зеленчук, и Германија. Меѓутоа, побарувачката на турскиот пазар е многу мала.

Работа во тешки услови
Абдулвахап Олгун, претседател на Стопанската комора Торбали, еден од центрите за производство на сушени домати во Егејскиот регион, вели дека оваа сезона доматот бил засаден на површина од приближно 40.000 хектари, од кои 20 проценти се наменети за сушење.

Турција минатата година остварила извоз на овој производ во вредност од 83 милиони долари, а годинава се очекува негово значително зголемување. Според tomatonews, повеќето домати во Турција се произведуваат на мали фарми кои ги садат во просек на три до четири хектари, но има и поголеми што ги одгледуваат на површина од 50 хектари. Се проценува дека таму се произведуваат повеќе од 300.000 тони сушени домати, од кои дури 70 проценти стоеле на сонце.

„Работниците на нашите плантажи се херои“, рече Кемал Сајгинер, главен извршен директор на органската фарма „Једитепе“ која ги извезува, и нагласува колку е тешко да се работи на силно сонце.

Погледнете го целиот процес во снимките со дронови од пред неколку години:
Извор: agroklub.com
