За време на пандемијата, глобалната потрошувачка на вино е преполовена, а поради ограничувањата на движењето, ситуацијата не е воопшто подобрена. Големите загуби во овој сектор, не беа ублажени дури ни со растот на продажбата на Интернет, а најголемите проблеми беа забележани во медитеранските земји каде што туризмот има високо учество во БДП.
Иако туристичката сезона ги ублажи големите штети и катастрофалните прогнози во Хрватска, а винариiте забележаа помал пад на продажбата од просекот, со оглед на мерките што во моментот се на сила, тешко е да се предвиди нешто повеќе – беше посочено на меѓународната онлајн конференција „ИТЕР ВИТИС – конкурентна и безбедна “
Улогата на туризмот во руралните области е поважна од кога било до сега
„Ќе поминат години пред туристичката индустрија да се опорави од ефектите на пандемијата и едно е сигурно: некои работи никогаш нема да се вратат на старо“, рече Дијана Катица, претседател на Хрватското здружение за туризам и рурален развој „Клуб на ченови од село“. Taa во соработка со Здружението на хрватски туристички водичи, Здружението за вино и лозарство, Загребачко виногорје и Хрватското здружение за туристички и културни рути „Тур Култур“ како и со поддршка на градот Загреб и Туристичкиот одбор на градот Загреб, беше организатор на споменатата конференција.
Според неа, ако сакаме да гледаме позитивно, ова време нè охрабрува кон одржлив развој и побрзи промени од масовен во индивидуален туризам. Посебен акцент ќе биде ставен на туристичките производи во руралните области, одржливоста, индивидуалниот пристап, враќањето кон традицијата и природата и во овој контекст, и во винскиот туризам, што е повеќе од продажба на вино. Со соодветно планирање и широко локално учество, винскиот туризам, нагласи таа, може да биде двигател на одржливиот рурален развој.
Улогата на туризмот во руралните области во контекст на пандемијата е поважна од кога било, рече Николина Брњац, министер за туризам и спорт на Хватска. Со развојот на квалитетна понуда и производи ќе се овозможи продолжување на сезоната и проширување на понудата, особено кон руралните дестинации, што ќе се спроведе во новата стратешка рамка што го дефинира идниот десетгодишен период на иновативен и одржлив туризам.
Кристијан Станичиќ, директор на Хрватскиот национален туристички одбор, на конференцијата истакна дека конкурентноста и безбедноста се главните фактори кои ќе бидат најважни во одредувањето на туристичките текови и резултати во иднина.
„Синергетското дејствување помеѓу производство на вино, земјоделството и туризмот е клучот за нивниот понатамошен развој “ истакна Здравко Тушек, државен секретар во Министерството за земјоделство на Хрватска.
На овој начин, се зајакнува и се проширува опсегот на канали за дистрибуција на виното, што, според Тушек, се покажа како исклучително важно со оглед на нарушувањата на пазарот и проблемите со продажбата и вишоците како резултат на ширењето на болеста КОВИД-19.
За поддршка на инвестициите во неземјоделски активности во руралните области, во Хрватска досега се одобрени 621 проект во вкупен износ на одобрена помош од над 280 милиони евра. Од нив, 363 проекти во туристичкиот сектор имаат вкупна вредност на грантот од 168 милиони евра, од кои 23 се однесуваат на инвестиции во вински туризам (простории за дегустација) со одобрен грант од 8,8 милиони евра.
Извор: Агроклуб
