Оваа есен сме сведоци дека на пазарите има значително помалку пиперки особено од оние за ајвар, за разлика од минатите години кога во овој период ги имаше многу, а и цената беше значително пониска од годинашната.
Многумина се прашуваат: ќе има ли пиперки, ќе правиме ли годинава ајвар?

Поразговаравме со Гоце Мартиновски од село Ивањевци општина Могила, кој веќе долги години заедно со неговата сопруга Виолета, се занимаваат до производство на пиперки и тоа најмногу од сортата „куртовска капија“, за тоа колку тие се задоволни годинашниот род.
„Годинава имаме нешто помал принос од лани затоа што пролетта беше навистина ладна, имаше многу дождови, а морам да кажам дека насадивме и нешто помалку бидејќи бевме во неизвесност поради пандемијата. Има многу производители на кои годинава родот им беше речиси целосно уништен. Но за среќа нашите пиперките се со навистина добар квалитет, а и цената, барем за нас производителите е добра“- вели Гоце.


Бербата на пиперките е во полн ек. Гоце и Виолета, заедно со целото свое семејство секојдневно се на нива. Велат дека повремено ангажираат и работници бидејќи работа има многу, но најмногу работат сами. Годинава очекуваат да соберат од прилика околу 15- 20 тона пиперки.

Минатите години пиперките ги извезувале во Бугарија, но годинава иако повторно имале понуда, се одлучиле да ги продадат на домашните компании бидејќи понудиле добра цена (околу 22 денари за килограм), а оваа сорта на пиперки е навистина многу барана.

Карактеристично е тоа што ова семејство, семето за пиперките сами си го обезбедуваат, односно од најдобрите пиперки го вадат и го сушат, па секоја година знаат какви пиперки насадиле и со каков кавалитет. Велат повремено дел од семето го разменуваат со нивните блиски роднини (,за да не биде исто сема два пати на иста почва).
Гоце и Виолета, својата егзистенција главно ја обезбедуваат од земјоделството. Покрај пиперките одгледуваат тутун и жито но главни сепак им се пиперките.
И бербата на тутунот во пелагонија е при крај па им останува да се надеваат на добра цена , бидејќи и квалитетот и количините им се над очекуваното.


„Земјоделските работи се навистина тешки и за нас и за нашите деца кои максимално се вклучени во сите работи. Секако имаме голема помош и од нашите родители„-вели Виолета. „Но сега за сега сме задоволни. Се обидуваме да бидеме во тек со сите нови агромерки, за да можеме да добиеме производ кој ќе има добар квалитет и ќе биде баран на пазарот“.-додава таа.
