Германскиот метеоролог и климатолог Моџиб Латиф, пред форумот за климата што се одржува во Берлин, предупреди дека е веќе предоцна да се ограничи глобалното затоплување на најмногу 1,5 степен Целзиусов во споредба со прединдустриските нивоа.
Латиф за германската медиумска групација Баерн изјави дека „со денешните емисии на стакленички гасови, ќе го надминеме ова ниво за нешто помалку од десет години“.
„Ако се земе предвид она што сега го прават политичарите ширум светот, повеќе сме во насока кон три степени“, продолжи Латиф.
„Се приближуваме до точка каде што треба да признаеме: Времето истече“, додаде тој.
„Три степени на глобално затоплување би биле рамни на катастрофа“, нагласи Латиф, посочувајќи дека секогаш се чинело дека има поитни прашања за решавање од заштитата на климата.
Министрите од околу 40 земји ќе разговараат за следните чекори што треба да се преземат во борбата против климатските промени на Петербуршкиот климатски дијалог што се одржува денеска и утре во Берлин.
Домаќини на средбата се Германија и Египет. Предвидено е да се обратат германскиот канцелар Олаф Шолц и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси. Состанокот е дел од првите дискусии за утврдување на агендата за климатската конференција на ОН COP27, која треба да се одржи во египетскиот крајбрежен град Шарм ел Шеик на почетокот на ноември.
