Здружувањето на земјоделските производители во задруги, според познавачите на состојбите во агркомплексот но и од странските искуства, се потврдува како најдобро решение за земјоделците. Предности има повеќе но очигледна е недоволната информираност на производителите за важноста од здружувањето во задруги особено во делот на намалувањето на трошоците на производство и сигурниот пласман. Не е за занемарување и менталитетот на македонскиот земјоделец кој најчесто е пречка за процесот на задругарство.
На оваа тема разговараме со Гоце Георгиевски од МЗШВ
АГРОТИM: Кога ќе се спомне Земјоделска задруга, повозрасните земјоделци ги асоцира на еден друг период, главно негативен за нив. Може ли да објасниме за какви задруги зборуваме сега?
ГЕОРГИЕВСКИ: Јасна е резервираноста на земјоделците кон задругите како форма на здружување. Но, исто така треба на сите да им биде јасно дека задругите како форма се токму тие организации кои градат заедништво, соработка и интеграција, а тоа е токму тоа што треба за развој на секторот.
Чест заклучок е дека земјоделците немаат јасна перцепција за разликата помеѓу имотот на задругата и имотите на членките, ниту пак за приватната природа на задругите и нивната севкупна зависност од одлуките на членките во врска со нивните активности. Исто така, честопати овие перцепции се поврзани со старите категории на задруги, коишто постоеле дури и во времето на Југославија, што спречува да се спроведе течна дебата за задругите во земјата. „Старомодната“ претстава за задругите е честа и во други земји. Во Белгија, на пример, каде што задругата е здружение како и другите правни компании, со исти обврски и исти права, главна пречка за понатамошниот развој на задругите е лошата комуникација и публицитетот што е создаден околу нив.
Задругите како форма на здружување заради економски или социјален интерес постојат приближно 200 години. Првата задруга признаена во светот е основана од 28 квалификувани работници во Англија во 1844 година. Причината за ваквото здружување во екот на Индустриската револуција, во центарот на капитализмот била овие млади луѓе да бидат препознаени како група под едно име и заеднички настап на пазарот. Ова е одличен пример кој понатаму се пресликува на сите кооперативи. Што добиле со здружувањето? Наместо во иста дејност да има 28 различни луѓе кои првенствено си претставуваат конкуренција еден на друг, тие својот труд го здружиле и заедно настапиле на пазарот. Тоа е една од придобивките на здружувањето.
Генерално, главните придобивки од формирањето на земјоделски задруги, поготово кај фрагментирано производство како македонското се намалувањето на трошоците и подобар пласман. Замислете, десет поединечни производители добиваат одредена цена за репроматеријал потребен во производството. Доколку тие десет производители се снабдат од едно место, позицијата за преговарање е подобра и цената би била значително пониска. Заедничката набавка на репроматеријали оди во прилог и на производителите, како и на дистрибутерите на репроматеријали. Едните добиваат поевтин репроматеријал, а другите сигурни купувачи. Исто така, голема е разликата во пласманот. Не е исто да излезете на пазарот со 20 тони одреден производ и да излезете на пазарот со 200 или 2000 тони. Како поединец, со 20 тони најдалеку можете да стигнете до локалниот откупувач или на кванташкиот пазар, каде се соочувате со конкуренција од вашите соседи, кои настапуваат со истата количина и во такви околности откупувачот има избор од кого ќе откупи по цена која само на него му одговара. Со тоа меѓу другото, дополнително се фрагментира ланецот на дистрибуција. Но, доколку производителите бидат здружени во производството, доколку застанат заедно и заедно се појават на пазарот, нивниот капацитет ќе биде доволно голем за да седнат на преговарачка маса со некој од големите ланци на супермаркети и да обезбедат пласман за цела година за нивниот производ.
Конечно, со здружувањето, покрај овие бенефити за земјоделците, доаѓа до подобра следливост и идентификација на нивниот труд од страна на крајните потрошувачи. Тоа е моќта на брендот. Задругата гарантира и до одредена мера заштита на потеклото. Имаме повеќе дистинктивни производи на македонскиот пазар кои никако да дојдат до израз, дел заради нелојалната конкуренција, дел заради недоволна заштитеност, па така на пазарот можете да видите „струмички кикирики“ со потекло од Кина или „тетовски грав“ со потекло од Киргистан, компир без декларирано потекло кој се продава како „беровски“ или „паланечки“ и голем број други примери на силни брендови кои локалното производство сеуште ги има, но треба да се работи на капацитетот на искористеност. Затоа се добри задругите колкку побрзо се надминат тие резерви кон здружувањето, толку побрз ќе биде развојот.
АГРОТИМ: Какви предности дава МЗШВ со цел да ги мотивира земјоделците да се здружат?
ГЕОРГИЕВСКИ: Земјоделските задруги формирани и запишани во Регистарот на земјоделски задруги согласно одредбите на Законот за земјоделски задруги имаат право на финансиска поддршка преку програмите за земјоделство и рурален развој. Поточно, финансиската поддршка се обезбедува во повеќе сегменти и тоа: поддршка за основање на земјоделски задруги, поддршка за функционирање на земјоделски задруги, како и поддршка за набавка на земјоделска механизација. Во делот со кој се поддржува основање на земјоделски задруги, предвидена е поддршка за покривање на дел од трошоците за основање на земјоделската задруга, воспоставување на админстративни и технички капацитети, помош за ангажирање на стручни лица, помош за организирање на информативни и промотивни активности и обуки на кадровскиот потенцијал и членовите на земјоделската задруга. Потоа, исплата на плата за лице управител на земјоделската задруга која согласно пропишаните услови може да остварува право на помош од овој вид, во висина од 100% во првата година, од просечната плата исплатена во Република Северна Македонија за претходната година, со намалување од 20% за секоја наредна година, во период не подолг од пет години.
Кога станува збор за финансиска поддршка за функционирање на земјоделските задруги, покрај основните субвенции, земјоделците кои се членови на земјоделски задруги добиваат дополнителни субвенции и тоа до 15% повисоки субвенции за производството кое го имаат произведено и продадено преку задругата. Понатаму, во склоп на овој сегмент од финансиската поддршка спаѓаат и 30% од трошоците за наводнување на годишно ниво, 80% од трошоците за осигурување на производните капацитети. Тоа што е најпопуларно кај земјоделските задруги е поддршката која е наменета за набавка на земјоделска механизација со која се покриваат до 90% од вкупната вредност на набавката.
Покрај поддршката која земјоделските задруги ја имаат на располагање од националните програми, во моментов е активен и проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“ кој е финансиран од Европската унија. Преку овој проект веќе активни се 17 договори за финансиска поддршка (ЕУ грантови) за 9 постоечки и 8 новоформирани земјоделски задруги. Финансиската поддршка од Европската Унија е за инвестиции во објекти и опрема за преработка, складирање и маркетинг на земјоделски производи со кои се подобруваат капацитетите на земјоделските задруги и конкурентноста на земјоделството. Вкупната вредност на поддршката изнесува скоро 900.000 евра, односно заедно со кофинансирањето од страна на задругите инвестициите ќе достигнат скоро 1,3 милиони евра.
Во моментов е активен втор јавен повик од страна на проектот за финансиска на земјоделски задруги, па сите кои се заинтересирани да учествуваат, можат да се информираат на официјалната веб страница на проектот www.zadrugi.mk.
АГРОТИМ Кои предности ќе ги имаат земјоделците во Земјоделски задруги?
ГЕОРГИЕВСКИ: Македонските земјоделци имаат шанса преку земјоделските задруги да го специјализираат своето производство на конкретен вид зеленчук или овошје. Ваквиот пристап е докажано успешен. Специјализацијата значи помали производни трошоци, полесна контрола на квалитетот и помали производни цени, што значи и полесен пристап на локалните и регионални пазари. На тоа се надоврзува и меѓусебната поддршка и пренос на знаење, како и долгорочно планирање кое секако носи стабилност.
Додадената вредност е она што ги разликува најуспешните производители од останатите, бидејќи генерира профит кој место да заврши кај прекупците и трговците на големо, останува во џебот на земјоделецот. Во исто време, правилно поставените основи на додадената вредност водат кон создавање препознатлив производ и до трговски марки и брендови за кои се врзува крајниот купувач.
АГРОТИМ: Законот што предвидува, која новина е најприфатлива за земјоделците?
ГЕОРГИЕВСКИ:Самото разделување на постојниот Закон за земјоделски задруги во останатата законска рамка има за цел да се даде функционалност на мерките при економското здружување на земјоделците и избегнување на колизија на системскиот Закон за задруги. Сегашниот Закон за земјоделски задруги повеќе наликува на мерка отколку на законско решение и токму затоа се оцени дека треба да се поедностави целиот процес и да се овозможи полесно економско здружување на земјоделците.
Новото решение за финансиска поддршка за земјоделските задруги се предвидува да се вметне во новиот текст на Законот за земјоделство и рурален развој, а остатокот кој се однесува на општото економско организирање не само на земјоделците туку и на други групи на граѓани, се предлага да се регулира со Законот за задруги. Со новото законско решение овозможуваме европски закон во кој се вградени основните принципи кои даваат база односно основа за задругарството што е во целост надоградба од постоечкото законско решение.
Најважно да се напомене со новиот Закон е тоа што бројот на основачи на задруга се намалува на пет, наместо на десет како што беше досега. Ова значително ќе придонесе за основање на задруги.
АГРОТИМ: Посочете странски пример на задруга која одлично функционира?
ГЕОРГИЕВСКИ: Како најинтересна за македонските јаболкари поради сличностите во бројот на производители и површини ќе ја издвојам италијанската Melinda.
Melinda е организација на производители на јаболко од долината Вал ди Нон во регионот Трентино во Северна Италија. Регионот има едновековна традиција на задругарство, но пробивот на меѓународниот пазар настанал кон крајот на осумдесетите години на минатиот век. Под притисок на нелојалната конкуренција (многу производители ги рекламирале своите јаболка како произведени во Вал ди Нон, иако тоа не било случај), 16 задруги од регионот се договориле да се здружат и да настапуваат на пазарот под заеднички бренд Melinda.
Денес Melinda e синоним за квалитетни јаболка од Вал ди Нон. Јаболката со знакот на Melinda се продаваат во преку 40 држави во светот (меѓу кои и во Македонија). Сепак, она на што конзорциумот Melinda е посебно горд е неговата организациска поставеност.
Melinda е во стопроцентна сопственост на задругарите, 5.200 на број. Збирно, тие се сопственици на 6.400 хектари овоштарници, при што повеќе од половина задругари имаат помалку од 1 хектар овоштарници, а само 10 проценти од задругарите имаат повеќе од 3 хектари. Задругарите се сопственици и на три модерни фабрики во кои се обработува целокупното производство и во кои има запослено преку 900 работници, од кои половина се од семејствата на задругарите. Тимови на стручњаци се грижат за квалитетот на производството, при што само 2 до 3 проценти од целокупното производство оди на индустриско јаболко, откако нема да ги помине строгите стандарди на контрола. Како резултат на сето ова, Melinda има годишен промет помеѓу 400 и 450 милиони евра.
Инаку, уште една многу интересна приказна има и шпанската Mondragon:
Во 1941 еден млад свештеник по име Хозе Мариа Мадариага (Аризмениариета) се преселил во Мондрагон, мало градче со нешто под 7000 жители, градче кое било сиромашно, на раб на прегладнетост, егзил и цела таа суровост во која било оставено после шпанската граѓанска војна. Две години подоцна, свештеникот основал вишо техничко училиште кое станало центар за обука на менаџери, инженери и квалификувана работна сила за околните фирми и работилници, а првенствено за кооперативите. Мадариага потрошил многу години во запознавање на младите луѓе со хуманизам заснован на солидарност и земање учество, методологија произлезена од социјалното учење на католицизмот, но и важноста да се стекне потребното знаење на сите аспекти околу функционирањето на кооперативите. Во 1955 година, одбрал пет млади луѓе кои ја поминале обуката и ги здружил за да основаат компанија. Компанијата се викала Талерес Улгор (Talleres Ulgor), што било акроним од презимињата на младите момци. Тоа се почетоците на денешниот конгломерат Мондрагон Корпорација – една од најголемите кооперативи во Шпанија.
Во годините меѓу 1970 и 1990 Шпанија влегува во вистинска економска преродба, кога воспоставувањето на кооперативи и целото тоа движење добивало на сила. Во 1986 Шпанија станува член на тогаш нарекуваната Европска Економска Заедница (сега Европска Унија). До тоа време веќе кооперативата броела 23.000 работници. Денес кооперативата е раширена со плантажи под свој бренд во Јужна Америка и има вкупен годишен обрт од 12,1 милијарди евра, поседува имот од 24,7 милијарди евра и брои 74.335 работници.
АГРОТИМ: Доколку група земјоделци одлучат да формираат задруга што е она што треба прво да превземат и всушност каква е целата постапка?
ГЕОРГИЕВСКИ: Земјоделска задруга може да основаат најмалку 10 земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Земјоделските стопанства ја задржуваат правната форма која ја имале пред зачленувањето во земјоделската задруга и секако, постои можност едно земјоделско стопанство да членува во повеќе земјоделски задруги. Постапката за основање на земјоделска задруга започнува со Иницијатива за здружување на земјоделските стопанства. Откако ќе се дефинира таа основа, треба да се изготви Статут на земјоделската задруга. Потоа, со тие документи и останатите изјави за основање од страна на основачките членови, потребно е да се изврши Упис на земјоделската задруга во Централниот регистар. Земјоделската задруга добива право на поддршка откако ќе се запише во Регистарот на земјоделски задруги во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со придружна документација: решението за упис од Централниот регистар и статутот на земјоделската задруга. Ако земјоделската задруга ги исполнува условите, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува решение за упис во Регистарот во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за упис во Регистарот.
Напишете коментар