Високо-технолошката млечна фарма „Спреча“ е меѓу првите во Босна и Херцеговина која биогасот од животински измет го претвора во електрична енергија, бидејќи сака да стане независна во време кога високите цени на енергијата претставуваат ризик за земјоделството зависно од субвенциите.
Проектот на фармата „Спреча“ е во согласност со напорите на владата постепено да го префрли своето производство на енергија на обновливи извори.
Преку органскиот отпад, фармата може да произведе повеќе електрична енергија за еден час отколку што просечното домаќинство троши за еден месец. Производството на енергија започнало во септември, работи со капацитет од 50%-60% поради регулаторните барања, но ќе може да произведе 600 киловати на час кога системот ќе биде целосно оперативен, пишува Ројтерс.
Идејата мешавината од измет од крави и кокошки, пченкарна силажа и друг органски отпад кој се наоѓа на фармата да се претвори во биогас се родила пред речиси една деценија, изјави директорот на фармата Саид Кариќ. Тоа е прв ваков проект во Федерацијата Босна и Херцеговина, велат Кариќ и водачот на проектот Мирсад Турсуновиќ, пренесува kozarac.ba.
Фармата е во сопственост на сараевската млечна индустрија Милкос и опфаќа 800 хектари сопствено и изнајмено земјиште и има капацитет за 2.000 високоприносни грла.
„Ова е чекор кон усогласување со европските стандарди и претставува економски модел што може да се развие за да се зголеми економијата на бизнисот, имајќи предвид дека примарното земјоделско производство е со ниска заработка. Нашиот долгорочен план е да изградиме оранжерии кои исто така би се грееле со оваа топлинска енергија“, додава Кариќ.
Босна и Херцеговина, каде што производството на енергија сочинува околу 20% од нејзиниот БДП, е единствениот балкански извозник на електрична енергија, со околу 60% од производството од електрани на јаглен, а остатокот главно од хидроенергија.
Напишете коментар