Дејан Елез е лиценциран туристички водич, а оваа 2021 година ја започнал својата 17-та туристичка сезона.
Иако отсекогаш ги сакал планините, во работата на лиценциран туристички водич влегол, како што вели, сосема спонтано. Како дете ги поминувал летата кај својата баба на Пивска планина, а растењето во Фоча подразбирало шуми, реки и планини.
Денес Дејан е еден од најбараните водичи во тој дел на Босна и Хецеговина и Црна Гора, а посебно во прашумата Перучица, која последниве години е сè побарана меѓу туристите.
Прашумата по дефиниција е шума која се развивала без никакво влијание на човекот, без експлоатација, без пошумување, без население.
Значи, станува збор за чиста природа во која можете да најдете со векови стари стебла. Во Перучица стари дури и до 450 години.
„Луѓето кои го прошетале светот ми рекоа дека во странство виделе нешто што се нарекува прашума и кога ја споредиле со Перучица сфатиле дека тоа е небо и земја. Во неа не влегуваат многу луѓе, бидејќи постои само една маркирана патека, а останатото е дивина“, вели Дејан.
„Перучица не е комерцијална приказна, туку вистинска дивина. Многу е незгодно да се слезе, треба да се биде соодветно облечен и да се почитуваат одредени упатства на терен. Сè што е автохтоно во овој дел на Европа ние сме зачувале. Единствено не сум видел уште рис, но не е исклучено дека тој мене ме видел повеќепати“, објаснува.
Перучица се поминува во еден ден, се тргнува од Националниот парк „Сутјеска“, од местото Драгош Седло, односно од височинката од која се фрла поглед на водопадот Скакавац од 73 метри, кој е во срцето на прашумата. Тука туристите поминуваат малку време, го чувствуваат здивот на водопадот, пијат вода, а после тоа полека продолжуваат по стрмната патека.
„Овој излет не е за луѓе кои имаат какви било проблеми со зглобовите или со кондицијата, бидејќи влажноста во шумата е висока и го отежнува движењето. Во добар дел патеката е стрмна, треба да се биде умешен, а најважно е да имате адекватни обувки. Има луѓе кои мислат дека може да тргнат во патики за трчање, а тоа е голема заблуда“.
Она што на туристите им е многу интересно е тоа што во Перучица можат да видат буквално секакво животно, бидејќи тука им е природното живеалиште.
„Луѓето најмногу ги интересира да го видат она од што малку им е страв, а тоа се мечките. Има и волци, но тешко е да се видат во живо. Најчесто сретнуваме диви кози, срни, диви свињи, орли и соколи. Туристите се воодушевени бидејќи повеќето од нив тоа никогаш не го виделе во животот. И кога ќе почувствувам дека недалеку од нас би можело да има некоја мечка или некое друго диво животно, им давам знак на луѓето да бидат тивки бидејќи дивите животни се плашат од луѓето и веднаш бегаат“, објаснува Дејан.
Дејан за „Приказни со душа“, вели дека во Перучица има многу лековити растенија, дека луѓето ги интересираат и отровните змии, дека моќта на прикривање е неверојатна и дека женката на познатиот поскок (vipera ammodytes) скоро и да не може да се забележи додека не се помрдне.
Во прашума никогаш не се оди во големи групи – максимум е 10 лица. На тој начин водачот може постојано да има визуелен контакт со членовите. Цело време се оди по маркираната патека, со дозвола на Националниот парк, со Дејан или со водач од Националниот парк.
„Кога ќе влеземе оставаме само отпечатоци од своите стапала и ништо повеќе, нема галама, бидејќи и акустичното загадување е загадување. Се случува во последно време луѓето да почнат во обиколка со „блутут“ звучници, снимаат со телефони, дури некој кришум во прашумата внесува и џепни дронови. Не мора да ја исечете шумата или да запалите оган, доволно е со своето присуство да го избркате дивото животно и веќе сте направиле проблем“, истакнува Дејан.
Со туризам Дејан почнал да се занимава кога имал 21 година. Ја напуштил работата во финансискиот сектор, купил џип и почнал да превезува патници на рафтинг.
Со текот на времето понудата се проширила, а тој сè повеќе навлегувал во туристичкиот сектор.
„Обично почнуваме од Црна Гора, од Националниот парк „Дурмитор“ и првиот ден акцентот е на убавината на кањонот, бидејќи реката е попитома. Ноќеваме во едно излетничко место кое било популарно во времето на Југославија, далеку од населбите, од сообраќајот, од луѓето. Длабоко во кањонот седиме околу оган, каде што секој слуша секого, без струја додека реката жубори. Често наутро може да се слушне и да се види дива свиња како поминува или како срна ја препливува Тара. Тоа се моменти кои не се забораваат. Наутро се спуштаме со чамец кон Фоча, каде што се продложува по програмата“.
Покрај прашумите и рафтингот, туристите на Дејан имаат можност во негово друштво да го видат Трновачкото Езеро во форма на срце до кое се стигнува пеш, потоа Маглич, највисокиот врв во Босна и Херцеговина (2.386 метри). Тука е и Зеленгора, рај за умерено планинарење, со своите осум планнски езера како и Тјентиште, споменикот на битката на Сутјеска.
Преземено од: pricesadusom.com