Одгледувањето овци се врши со помалку приговарање, а повеќе организирање. Доказ за тоа е борбената 37-годишната Теодора Валова од Бугарија, која љубовта кон овците ја наследила од својот дедо. Денес таа практикува модерно овчарство, има визија за развој и зголемување на бројноста на овците.
За разлика од многу свои колеги кои не престануваат да се жалат, од Теодора не може да се слушне ниту еден негативен збор за откупните цени, поскапената сточна храна, работната сила. Не дека со нив нема проблем, туку со желба, организација и верба во подобра иднина, работите си течат.
Младата одгледувачка на овци во 2012 година започнала со педесетина овци. Тогаш ја избрала црноглавата Плевенска овца, но со текот на времето се преориентирала на далеку попродуктивните и подобри Асаф и Лакон. Денес, бројот на грла во нејзината фарма е нешто повеќе од илјада, а фармата е со капацитет од 1.400.

„На почетокот фармата беше во мала зграда во село Писарово. Со текот на времето, решив дека треба да ја развивам и да ги зголемам бројките. Купив имоти на крајот од селото, ги срушив зградите и почнав од нула. Финансирањето е целосно од банките и производите што ги имам продадено“, вели младата сопственичка на овци.
Пробала и со проект со подмерка 4.1 за инвестиции. Во 2016 година потпишала договор за модерен молзен центар, трактор и преден товарач. Молзењето се врши во текот на целата година, двапати на ден – наутро во 6.00 часот и попладне во 17.00 часот. За истата подмерка повторно се пријавила и минатата година, но се уште чека и се надева дека ќе и биде одобрена.

„Аплицирањето не е тешко, но е поврзано со поголема документација. Би ги повикала сите колеги да се обидат, да не се остава впечаток дека одредена група на луѓе ги искористува овие подмерки. Кој решил да се развива нека проба, ништо нема да изгуби. Ова е помош која дава поткрепа за понатамошен развој“, убедена е Теодора.
Бидејќи откупните цени на млекото не се доволни за покривање на трошоците на фармата и грижата за животните, таа преработува дел од нив, а остатокот го префрла во друга млекарница. Произведува овчо сирење и јогурт, како и кравјо сирење и јогурт од 35-те крави што исто така ги одгледува.

Своите млечни производи ги продава во Плевенскиот регион, а целта и е да излезе на пазарот и во другите региони во државата. Продава и во локалните продавници, како и во своите две продавници во Плевен под брендот „Валови“.
Друго решение за ниските откупни цени Теодора и уште 5 фарми во регионот наоѓаат со формирањето на здружението „Плевен млеко 2020“ со кое претседава Галина Мирчева.
„Нашата цел е да застанеме и да освоиме подобри цени на суровините. Дефинитивно функционира. Веќе направивме една година и сме доказ дека обединувањето дава сила“, се радува овчарката од Плевенско.
Освен што работи на тоа капацитетот на фармата да достигне до 1.400 единки, борбената одгледувачка на овци исто така сака да го збогати асортиманот со кашкавал, путер, урда. Но, бидејќи идејата е поврзана со инвестици и бара време, таа се надева дека тоа ќе го оствари следната година.
„Не се стремам кон големи синџири, бидејќи мислам дека во малите продавници се продава многу подобро, и храната таму е „повистинска“. Многу ми е мило кога нашите бугарски производи од семејни фарми се нудат во локалните продавници. Поддржувам и се радувам кога луѓето го ценат овој вид на храна“, вели Теодора.
Извор: agri.bg
