ФИТР и ПроКредит Банка потпишаа меморандум за соработка со кој обезбедуваат полесен пристап до финансирање на иновативните компании, а најголем број услуги се наменети за стартап компаниите.
Главната придобивка за компаниите ќе биде тоа што банката ќе обезбеди дополнителна финансиска поддршка во делот на сопствено кофинансирање преку поповолни каматни стапки од редовните. Олеснување ќе добијат и компаниите кои аплицирале но не им било одобрено кофинансирање од Фондот.
-Фактот што за само два месеци успеавме за компаниите, особено за стартапите да обезбедиме различни поволности преку трите најуспешни банки во државата е уште еден доказ дека во банкарскиот сектор имаме вистински партнери кои ги препознаваат квалитетните програми на ФИТР и иновативниот потенцијал на домашните компании – рече Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров.

Бизнис пакетот на ПроКредит Банка ќе вклучува најповолна каматна стапка на позитивно салдо на трансакциска сметка, пакет услуги вклучени во месечната провизија (сметка за кофинансирање, е-банкарство, MasterCard Business картички бесплатни за првата година, потврди-конфирмации за трети лица, издавање бонитет, доставување на информација до УЈП). Дополнително банката обезбедува и пониски провизии во рамките на домашниот и меѓународниот платен промет преку е-банкарство и кредитни продукти по преференцијална каматна стапка.
-Соработката со ФИТР ни овозможува да ја понудиме оваа поддршка на малите амбициозни и иновативни бизниси, кои имаат голем потенцијал за раст и развој и може значително да учествуваат во креирањето на БДП, зголемувањето на извозот и отворање на нови работни места – изјави Милан Дамчевски, директор на бизнис филијала во ПроКредит Банка.

Повеќе информации за пакетот https://www.pcb.mk/mk/startup
ФИТР продолжува да ги слуша потребите на стартап заедницата и активно да работи на изнајдување решенија за полесна реализација на нивните идеи.
