Енергетската независност останува еден од највисоките стратешки цели на Владата – порачува Министерството за енергетика по повод 10 Јули – Меѓународниот ден на енергетската независност.
Од таму посочуваат дека во изминатиот период преземени се конкретни чекори за енергетски независна држава, која ќе произведува повеќе домашна, чиста и достапна енергија, забрзување на инвестициите во обновливи извори, модернизација на енергетската инфраструктура и диверзификација на изворите и правците за снабдување со енергенти.

– Резултатите веќе се видливи. Според најновите податоци на АД ЕСМ, производството на електрична енергија од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во однос на истиот период минатата година, а производството од ветерните електрани бележи раст од речиси 10 проценти. Истовремено, исполнетоста на акумулациите достигнува приближно 80 проценти, што претставува значајна резерва за стабилно и сигурно снабдување во периодите на зголемена потрошувачка. Паралелно, се реализираат и нови инвестиции во производствени капацитети. Интензивно се гради втората фаза од ветерниот парк во Богданци, кој в година ќе достигне инсталиран капацитет од 50 MW, почнуваат и активностите за изградба на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, а подготовките за „Битола 2“ и „Битола 3“ се во напредна фаза – нагласуваат од Министерството за енергетика.
Истакнуваат дека интензивно се реализира и проектот за гасниот интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас, а во тек се подготовките и за реализација на гасниот интерконектор со Србија.

– Нашата цел е јасна – Македонија да стане енергетски независна држава, да произведува повеќе домашна, чиста и конкурентна енергија. Ги развиваме обновливите извори, инвестираме во модерна инфраструктура и ги отвораме новите енергетски коридори, кои ќе ја зајакнат сигурноста на снабдувањето. Тоа не е само економска придобивка, туку прашање на национална сигурност, стабилност и развој. Нашата амбиција не е само да ги задоволуваме домашните потреби, туку Македонија да стане и нето-извозник на електрична енергија – нагласува министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Последните глобални енергетски кризи, велат од ресорното Министерство, потврдија дека државите што инвестираат во сопствено производство и во диверзифицирани енергетски врски се поотпорни на надворешни шокови, поконкурентни се и поуспешно ги штитат интересите на граѓаните и економијата.
– Токму затоа Министерството останува цврсто посветено на создавање сигурен, модерен и одржлив енергетски систем – затоа што силна енергетика значи силна држава – се наведува во соопштението од Министерството за енергетика по повод Меѓународниот ден на енергетската независност.
МИА
