Европската комисијата вчера предложи да се доделат 119,7 милиони евра од земјоделската резерва за директна поддршка на земјоделците од Бугарија, Германија, Естонија, Италија и Романија кои беа погодени од исклучителни неповолни климатски услови во пролетта и почетокот на летото.
Комисијата предложи да се доделат 10,9 милиони евра за Бугарија, 46,5 милиони евра за Германија, 3,3 милиони евра за Естонија, 37,4 милиони евра за Италија и 21,6 милиони евра за Романија.
Ова ќе придонесе за обештетување на земјоделците од овие земји кои изгубиле дел од своето производство и како резултат на тоа и дел од приходите. Износите се знак на солидарност на ЕУ со погодените земјоделци, која може да се надополни и до 200% со национални средства.
Откако ќе се усвои, националните власти ќе треба да ја дистрибуираат оваа помош до 30 април 2025 година и да се погрижат земјоделците да бидат крајните корисници. Засегнатите земји-членки, исто така, ќе треба да ја известат Комисијата до 31 декември 2024 година за деталите за спроведувањето на мерките, особено за критериумите што се користат за да се одреди доделувањето на поединечна помош, планираното влијание на мерката, предвидувањата за плаќањата поделени по месец до крајот на април, а ќе се обезбеди и нивото на дополнителна поддршка. Известувањето треба да ги содржи и активностите преземени за да се избегне нарушување на конкуренцијата и прекумерна компензација.
Предлогот на Комисијата ќе се дискутира со сите земји-членки, пред тие да одлучат за негово одобрување на состанокот на Комитетот за заедничка организација на земјоделски пазари на 7 октомври.
Земјоделците во другите земји-членки беа погодени од екстремни временски настани во втората половина на летото. Комисијата ќе процени дали таквите штети гарантираат и солидарност на ЕУ.
Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) 2023-2027 вклучува земјоделска резерва од најмалку 450 милиони евра годишно за справување со нарушувања на пазарот или исклучителни настани кои влијаат на производството или дистрибуцијата. За да се активира резервата за земјоделство, земјите-членки треба да испратат извештај до Комисијата во кој ги потврдуваат нивните барања за компензација и ја прикажуваат нивната проценка за штетата настаната од исклучителниот временски настан.
Во првата половина на 2024 година, на јужниот дел на копното и на островите на Италија беа забележани невообичаено топли температури и суви услови. Тоа влијаеше на производството на овошје и зеленчук, вино и обработливи култури. Бугарија исто така беше погодена од суша во текот на летото. Во јули Романија беше погодена од топлотни бранови, суша, но и бури и силен град, оштетувајќи го производството на обработливи култури и маслодајни семиња.
Во април мразот во делови од Германија значително ги оштети овоштарниците и виновата лоза. Што се однесува до Естонија, таа претрпе извонредни флуктуирачки временски услови, од мраз и студ во декември и јануари до невообичаено топли температури во март, проследени со мраз и град, а подоцна во текот на летото, интензивни врнежи и поплави. .
Во јули, дел од земјоделската резерва веќе беше доделен на Австрија, Чешка и Полска, кои се соочија со слични неповолни климатски настани, како и Португалија, која се справуваше со сериозни нарушувања на пазарот во случајот со производителите на вино.
