Комисијата ја поедноставува Заедничката земјоделска политика за да ги поддржи земјоделците и да ја зголеми конкурентноста
Европската комисија на 14.05.2025 година претстави пакет мерки насочени кон намалување на административните оптоварувања, контроли, имплементација, одговор на кризни ситуации и инвестициони потреби на секторот.
Промените би можеле да заштедат до 1,58 милијарди евра годишно за земјоделците и 210 милиони евра за државните администрации. Оваа иницијатива е дел од пошироките напори на ЕУ за поедноставување и ја поддржува конкурентноста, отпорноста и дигитализацијата на земјоделскиот сектор, како и младите и органските земјоделци посебно.
Земјоделците низ ЕУ се соочуваат со значителни административни оптоварувања кои често не ги одразуваат реалностите на терен. Овие оптоварувања им ја отежнуваат работата на земјоделците, бидејќи е потребен подолг временски период за да се завршат, но и генерираат трошоци за земјоделците и државните администрации. Тоа води до неприфаќање на обврските, а може да наштети и на инвестициите.
За да се справи со овие предизвици, Комисијата предлага насочени решенија преку сет конкретни законодавни промени засновани на оперативно искуство и повратни информации од засегнатите страни и земјите-членки и тоа:
- Поедноставена шема за плаќање за мали земјоделци
Годишното еднократно плаќање за мали земјоделци ќе биде зголемено од 1.250 евра на 2.500 евра. Целта на овие плаќања за мали земјоделци е да се промовира поддршката, да се зајакне виталноста во руралните области каде што малите земјоделци играат клучна економска улога и да се намалат административните обврски за земјоделците и властите. Овие земјоделци исто така ќе бидат ослободени од одредени еколошки правила додека можат да бидат корисници и на плаќања кои наградуваат еко-пријателско земјоделство.
- Поедноставени еколошки барања и контроли
Пакетот за поедноставување има за цел подобро да ги прилагоди различните земјоделски практики и локални услови, при што се намалува преклопувањето со постојните национални правила.
На пример, сертифицираните органски фарми автоматски ќе се сметаат дека ги исполниле некои од еколошките барања на ЕУ за финансирање.
За да се намали административниот товар на контролите, тие ќе се поедностават преку користење сателити и технологии. Дополнително, ќе се воведе нов принцип: само една контрола на лице место годишно по фарма.
- Засилено управување со кризи и поедноставени процедури за државните администрации
Земјоделците во ЕУ кои се погодени од природни катастрофи или животински болести ќе добијат подобра поддршка благодарение на новите кризни плаќања достапни преку Стратешките планови на ЗЗП (Заедничката земјоделска политика), како и преку пофлексибилни и подостапни алатки за управување со ризици.
Земјите-членки ќе имаат поголема флексибилност при прилагодувањето на своите Стратешки планови, со претходно одобрение од Комисијата кое ќе биде потребно само за стратешки измени. Ова позитивно ќе влијае врз земјоделците, кои побрзо ќе ги почувствуваат придобивките од новите мерки.
- Подобрена конкурентност и дигитализација
Малите земјоделци ќе можат полесно да добијат финансиска поддршка преку нова поедноставена опција за финансирање, со еднократна сума до 50.000 евра за унапредување на конкурентноста на нивните фарми.
Државните администрации дополнително ќе бидат поттикнати да развиваат дигитални системи кои ќе работат врз основа на принципот „еднаш пријави, користи повеќепати“, а целта е земјоделците да ги доставуваат своите податоци само еднаш, преку единствен систем, со што ќе заштедат време, ќе се намалат административните трошоци и ќе се подобри управувањето со фармите.
Следни чекори
Законодавниот предлог понатаму ќе биде доставен до Европскиот парламент и Советот за усвојување.
Покрај измените на главните правила на ЗЗП, Комисијата подоцна оваа година ќе предложи и дополнителни мерки за поедноставување, вклучувајќи и области надвор од земјоделството, со цел намалување на административното оптоварување за известување и контроли, како и олеснување на користењето на новите флексибилности што ги нуди пакетот за поедноставување на ЗЗП.
Во текот на овој мандат, Комисијата приоритетно се фокусира на елиминирање на преклопувачки, непотребни или несразмерни правила кои создаваат непотребно оптоварување за земјите-членки на ЕУ и го спречуваат развојот. Комисијата постави нов правец кон поедноставување на правилата на ЕУ за да ја направи економијата на ЕУ попродуктивна и поуспешна. Комисијата има јасна цел да постигне најмалку 25% намалување на административните оптоварувања и најмалку 35% за МСП (мали и средни претпријатија) до крајот на овој мандат, без да се нарушат основните цели на ЗЗП.
Во земјоделството, ова значи унапредување на конкурентноста на земјоделските стопанства на ЕУ, додека се намалува административното оптоварување за земјоделците и властите и се земаат во предвид различните ситуации и потреби на земјоделците во ЕУ.
