Спанаќот е омилен зимски зеленчук, а неговото одгледување е лесно. Овој зеленчук богат со витамини и минерали се бере млад – цели растенија или поединечни листови од надворешниот раб на розетата.
Еден од омилените видови зеленчук кој се одгледува во постудениот дел од годината е спанаќот. Овој едногодишен зеленчуков вид потекнува од Азија. Често се произведува бидејќи е богат со аминокиселини, витамини, минерали и бројни корисни состојки. Одличен извор е на витамин Ц, како и Б комплекс, а исто така е и многу лековит.

Треба да се биде внимателен со негово консумирање поради големата содржина на оксална киселина. Од таа причина не е препорачливо често и обилно да го користат болни со ревматски тешкотии и оние кои имаат камен во бубрегот.
Не оди ѓубриво пред сеидба
Лесно се одгледува, но потребно е да се обрне внимание на некои негови барања. Не поднесува тешки, глинести и влажни почви. Пред седиба во почвата не треба да се додава ѓубриво, а во текот на вегетацијата да се избегнува претерана прихрана со азот поради натрупување на нитрати, кои се штетни за здравјето на луѓето. За сеидба треба да се изберат површини на кои не се одгледувани сродни видови, како што се блитва и цвекло. Производство на парцели на кои се одгледувал спанаќ или сродници треба да се избегнува поради собирање на штетни организми, причинители на болести и еднострано изнесување на состојките.
Времето од сеидба до берба зависи од терминот на сеење. Кога ќе се посее на есен тој период е подолг и изнесува околу 110 дена. Краток период до берба има спанаќот посеан рано на пролет. Благодарение на топлинскиот режим одгледувањето трае до два месеци. Вообичаено е тоа да биде околу 45 дена.

Се сее директно во почвата на меѓуредово растојание од 15 до 20 см. Подобро е да се посее нешто погусто и кога ќе никне, растенијата да се проредат на растојание во ред од 5 см. Никнатиот зеленчук ќе има доволно простор да се развие и да формира добра лисна розета.
Лисјата брзо пропаѓаат, што да се направи?
Лисјата ја губат нежноста и сочноста кога ќе остарат и штом времето станува потопло. На повисоки температури брзо почнува да формира цветоносно стебло и да цвета. Можат да постојат два термина на берба – берење на млад спанаќ, како и зрел лист.
Кај младиот посев тие имаат понежна струкура и поблаг вкус. Можат да се берат цели растенија или се берат првите листови кога спанаќот ќе развие четири до пет. Најчесто бербата започнува кога има десет добро развиени листови. Се берат поединечните, кои се наоѓаат на надворешниот дел на розетата. Со тоа ќе се зачува нејзината средина и ќе се обезбеди раст на нова лисна маса. Бербата може да се извршува додека не почне да се формира цветното стебло. Тогаш целото растение е погодно за берење. Сè зависи од нашите потреби и какви јадења сакаме да направиме.
Набраните листови спанаќ многу брзо пропаѓаат. После бербата тие добро се мијат за да се отстрани целата земја, како и оние оштетените. Свежите, кои нема веднаш да ги потрошиме, можеме да ги чуваме во фрижидер околу десет дена. Најдобро е да ги завиткаме во хартиена крпа и да ги ставиме во пластична вреќичка. Избегнувајте нагмечување, бидејќи листовите се многу чувствителни и лесно настануваат механички оштетувања кои го забрзуваат пропаѓањето.
Ако сакаме да го замрзнеме спанаќот, најдобро е претходно да се бланшира.
Извор: agroklub.com
